Аргентина и Британија во нова кавга за Фолкландите
8 февруари 2012Аргентина ќе поднесе денеска жалба во Советот за безбедност и во Генералното собрание на ОН против новата британска милитаризација на Фолкландските острови. Тоа го најави аргентинската претседателка Кристина Кирхнер.
Велика Британија го испрати принцот Вилијам на Фолкландите на служба од 45 дена како пилот на спасувачки хеликоптер, а на 31-ви јануари британското Министерство за одбрана соопшти дека испраќа таму воен брод. Според британски медиуми, можно е Лондон да испрати на Фолкландите и нуклеарна подморница.
Аргентина го оквалификува присуството на принцот Вилијам како провокација и го нарече „конквистадор“.
Аргентина доби поддршка од соседните држави - Бразил, Уругвај и Чиле, кои ќе ги затворат своите пристаништа за сите бродови кои пловат под знаме на Фолкландите.
Фокландските острови се британска територија во јужниот Атлантик. Аргентина ги нарекува Малвински острови и има претензии кон нив, сметајќи ги за своја територија. Во април 1982-та година имаше војна меѓу Британија и Аргентина за островите кои се преземени од Англичаните во 1833-та година, а од 1892-та година се британска колонија. На 2 април 1982-та година Аргентина ги зазеде островите, но до 14 јуни Аргентина претрпе пораз и загуби 649 војници додека Британија загуби 255 војници. Во пресрет на годишнината од војната реториката меѓу Аргентина и Велика Британија се‘ повеќе се заострува.
Автор: ЖА/АМ/миа/дв
Редактор: Б. Георгиевски