Аргентина е во финале, цела земја копнее по титулата
10 јули 2014Решавачкиот пенал на Макси Родригез само што заврши во холандскиот гол, топката се‘ уште беше заплеткана во мрежата, а низ Буенос Аирес веќе се слушаа гигантски вресоци на олеснување. За само неколку минути улиците, кои само два часа претходно беа пусти, се преполнија со распеани луѓе и автомобили со вклучени свирки. Во кафулињата непознати луѓе си паѓаа во прегратки, сите беа во сино-бело блаженство. Аргентина е во финалето на Светското првенство, а тоа се слави речиси како да е освоена титулата.
Турнирот во соседен Бразил сосема го диктира аргентискиот животен ритам. Во деновите кога играат Аргентинците владее вонредна состојба. Долгите разговори за фудбал се водат насекаде, од лекарските ординации до службите за странци. Кој не носи сино-бели навивачки артикли, е соочен со погледи полни со недоверба.
Во времето кога не се игра, длабоко се анализираат сите можни противници, се анализираат своите играчи, нивната околина и се разбира сите пропратни околности. Специјалните емисии на телевизија траат осум или десет часа, некогаш и подолго ако тоа е неопходно поради расположението на Меси, бутот на Ди Марија или намуртеното лице на тренерот Сабела. Дневните информации се „стискаат“ во блокови вести од три минути. Кога игра Аргентина, водителите негуваат, така да се каже, силно изразен патриотизам. Неутралните гледачи понекогаш се прашуваат дали го гледаат истиот натпревар како коментаторите.
Трет пат против Германија
Сега навивачите се длабоко благодарни што репрезентацијата стигна толку далеку и посега по титулата. Тие ги слават своите ѕвезди и се радуваат на наредниот натпревар. Дури и потсмевот со урнисаниот смртен непријател Бразил се држи во граници.
Сега доаѓа Германија. Респектот е голем. Онлајн порталот „La Nación“ вчера (9.07) објави дури три коментари и анализи за германскиот тим. „Тие работат со години на освојување на оваа титула. Кој ќе ги запре?“ Аргентинските играчи веднаш по победата над Холандија го завртеа копчето на скромност. „Ќе дадеме се‘ од себе, ќе играме стопроцентно за да победиме во недела“, вели тренерот Сабела, а Меси на Фејсбук напиша: „Ни недостига уште само мало чекорче“.