1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапска оаза во БиХ

Здравко Љубаш/ СН19 октомври 2015

20 години по војната Босна и Херцеговина мака мачи да ја заживее економијата. Нестабилната политичка ситуација и крутата бирократија се главни пречки за странски инвестиции. Но еден проект сега може да го промени тоа.

https://p.dw.com/p/1GqVD
Фотографија: DW/Z. Ljubas

„Ова ќе биде туристички град со повеќе од 2.000 куќи, неколку хотели со апартмани и 160 станбени објекти. Тука исто така ќе биде и најголемиот трговски центар во овој дел на Европа - Зајд шопинг центар - со продавници и други објекти на повеќе од 93.000 квадратни метри, како и болница - Озон болница", вели Исмаил Ахмед, извршен директор на компанијата Бурож Проперти Девелопмент со седиште во Дубаи, за Дојче Веле. Некои елементи од неговиот роден град Дубаи, истотака, ќе го красат Бурож Озон градот, како што се танцувачките фонтани. Според некои прелиминарни пресметки, проектот се очекува да чини повеќе од 4 милијарди евра. Таков голем арапски инвестициски интерес во Босна и Херцеговина и со толку голема сума на пари предизвикаа шпекулации во медиумите дека Арапите се шират во Босна, поради муслиманското мнозинство и оти имаат изградено џамии низ целата земја.

Bosnien-Herzegowina Tourismus Trnovo Gebirge
Фотографија: DW/Z. Ljubas

Бизнисот е бизнис

Ахмед тврди дека проектот нема никаква врска со вера или националност, туку само со бизнис. „Ова е меѓународно и отворено за сите. Наша цел се туристите од арапскиот свет, но истотака и од Европа, Африка и сите други земји.“ Како што истакна тој, секој е добредојден, бидејќи „кога се прават бизниси или инвестиции, никој не се грижи за националноста, туку се грижи за бизнисот. Значи, ова нема да биде само за Арапите, туку за сите ". Едно од најскапите и дефинитивно најголемото туристичко место во југоисточна Европа ќе биде изградено на околу 15 километри од меѓународниот аеродром во Сараево, на околу 1,3 милиони квадратни метри, во подножјето на планините Трескавица, Бјелашница и Игман. Впечатливо е дека локацијата на Бурож озон ќе биде изградена во градчето Трново на имагинарната гранична линија меѓу двата етнички ентитети во Босна - на Србите во Република Српска и на Божњаците и Хрватите во Федерацијата Босна и Херцеговина. Во општината пред војната во 1992-1995 година имаше околу 7.000 жители, а сега во моментов живеат околу 5.000 луѓе на двете страни на етнички поделеното село.

Секој се надева на работно место

Проектот, досега, е наменет само за ентитетот од Федерацијата. Очигледно е сепак дека, двата ентитета, како и целата земја, ќе имаат полза од овој проект.Локалните жители, иако не се многу подготвени да зборуваат, главно се надеваат дека сите ќе имаат полза од арапската инвестиција. Додека чекав автобус на една локална станица во српскиот дел од Трново, една жена, која се претстави како Рада, рече дека се надева оти нејзините пријатели и соседи ќе добијат можност да најдат работа во новиот туристички град. „Јас работам во една продавница во Сараево, но, истотака, се надевам дека тие ќе имаат потреба и од продавачи, за да можам да се пријавам. Не би ми пречела подобра плата", рече таа. Таа исто така рече дека не се плаши од Арапите, се’ додека тие имаат фер однос кон локалното население и се’ додека се подготвени да инвестираат. Може слободно да се каже дека речиси секој во регионот но и пошироко се надева на работа во Бурож Озон , чија изградба официјално е планирана да започне во април 2016 година.

Bosnien Sarajevo Buroj Ozone' Tourismus Unterzeichnung Vertrag
Фотографија: DW/Z. Ljubas

Добредојдовте во рајот

Мешавина од модерно и традиционално- класични згради кои ќе формираат град во облик на потковица кој се претопува во околните ридови и шуми, Бурож сити се очекува да биде завршен во наредните осум до 10 години. Но зошто токму Трново, местото кое важеше за едно од најнеразвиените во земјата пред војната?

Ибро Берило, градоначалникот на муслиманскиот дел од Трново објаснува дека арапските бизнисмени минале цел месец низ Босна и Херцеговина во потрага по можна локација за туристичкиот резорт. „На 30-от ден дошле во Трново. Запреле, погледнале, земале воздух и рекле дека ова е Џенет (рај во Исламот).“

Нов арапски рај или оаза во Босна и Херцеговина: во секој случај тоа ќе биде најголемата поединечна странска инвестиција во земјата досега.