Myhen Mondlandung
20 јули 2009На денешен ден, точно пред четириесет години, Нил Армстронг од посадата на американскиот вселенски брод Аполо 11 беше првиот човек кој стапна на месечината. „Мал чекор за еден човек... но голем скок за човештвото“, рече притоа Армстронг и ова стана најзапамтениот цитат во колективната меморија на модерниот човек.
Но, одреден број луѓе сметаат дека единственото што може со сигурност да се каже е дека Нил Армстронг стапна на прашлива површина. Дали тоа навистина се случи на месечината, или во студиото „Два Б“ во Холивуд? Дали Аполо 11 беше испратен во вселената од врвните инженери на НАСА, или, пак, е сценарио на генијални режисери?
Сомнеж 1: Зошто сенките не се движат рамномерно?
Приврзаниците на оваа теорија на заговор покажуваат фотографии на кои сенките на објектите на месечината не се движат рамномерно. За луѓето кои не располагаат со елементарни познавања од областа на оптиката, тоа значи дека светлината доаѓа од повеќе извори, на пример, од рефлектори во филмско студио. Секој може да направи вакви слични фотографии на сончева светлина, на некоја песочна плажа. Значи, движењето на сенките, што е наводно доказ за фалсификат, всушност, се покажува само како чисто визуелен ефект.
Сомнеж 2: Каде се ѕвездите?
Потоа се вели дека на фотографиите од човечкото стапнување на месечината воопшто не се гледаат ѕвезди. Од месечината, се очекува нивното зрачење да биде дотолку поголемо бидејќи ја нема земјината воздушна обвивка. Точно, тие светат посилно, меѓутоа нивната светлина се губи поради големиот светлосен контраст со површината на месечината, која сјае од блесокот на сонцето. Затоа изгледа како ѕвездите, всушност, да ги нема.
Сомнеж 3: Зошто знамето се вее?
Покрај тоа, се` поголеми сомнежи се јавуваат и околу развеаното американско знаме на месечината и теоријата дека снимката е направена во студио, затоа што горе нема ветер. Но, ако човек подобро се загледа во снимките на НАСА, ќе види дека знамето се придвижува само непосредно по неговото закачување. Причината за ова е што држачот на знамето вибрира уште некое време откако е поставено - и тоа значително подолго отколку на Земјата, зашто на месечината нема струења на воздухот што би го неутрализирале толку брзо.
Сомнеж 4: Зошто астронаутите се гледаат, дури и во сенка?
Уште една интересна работа е што некои се прашуваат како може астронаутите да бидат осветлени, дури и кога се наоѓаат во сенка на сондата? Значи мора да имало уште некој извор на светлина! Да, точно, има уште еден извор на светлина. Лево и десно од сенката на сондата, површината на месечината е силно осветлена, зашто се рефлектира сончевата светлина, што е доволно за астронаутите да се гледаат. Значи, не се работи за некаков трик, туку за чиста физика, што секој може да ја испита ако застане под сенката на уличната светилка.
И за крај - Советскиот сојуз многу добро знаеше што прават Американците во вселената на 20 јули 1969 година. Сигурно не би молчеле ако знаеле дека слетувањето на месечината е, всушност, исценирано и сигурно не би им дозволиле на САД да уживаат во лажниот триумф.
Автор: Дирк Лоренц / Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска