1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апел на Иванов против насилството

13 март 2012

По серијата инциденти во земјата претседателот Ѓорге Иванов денеска (13.03.2012) порача дека во Македонија нема место за етнички судири, нетрпеливост и насилство.

https://p.dw.com/p/14JoB
Македонскиот претседател Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов денеска упати апел до сите граѓани во земјата да му кажат „не“ на насилството, да не дозволат да бидат испровоцирани и да подадат рака на пријателство. Иванов во обраќањето на свеченоста по повод потпишувањето Меморандум за соработка за имплементација на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ уште порача дека сите што се служат со насилство и сакаат да го доведат во прашање меѓуетничкиот соживот ќе бидат соодветно казнети од системот.

„ Во нашето општество веќе нема место за поттикнување етнички судири и нетрпеливост. Сите ние со болка се сеќаваме на горчливиот вкус на конфликтите кои ни се случија пред повеќе од една деценија. Заедно го надминавме тоа, свртевме нова страница, зацртавме нов почеток“, рече Иванов.

Македонскиот претседател смета дека иако граѓаните се свесни дека иднината на земјата и иднината на децата е во соживотот и во меѓусебното почитување, за жал, деновиве продолжуваат обидите да се испровоцира нетрпеливост.

„ Граѓаните од сите етнички заедници во Република Македонија, како и со векови досега, сакаат да живеат во мир, заемно почитување и помагање. Сите што се служат со насилство, без разлика на мотивот, ќе платат скапа цена и ќе ја добијат заслужената казна од системот“, истакна претседателот Иванов.

Автор:СН/ЖА/миа

Редактор: Ж.Ацеска