Анти-израелско расположение во Турција
19 јули 2014„Слободна Палестина“-маичките во ваков натпис на улиците на Истанбул се гледаат на секој чекор. Исто како и луѓе кои на главата имаат завиткано палестинско знаме или возачи кои го ставиле тоа да се вее од нивните автомобили. Речиси секој ден по улиците на Истанбул или пред израелскиот конзулат доаѓа до протести.
„Палестинците се наши муслимански браќа. Ние секогаш ќе бидеме со нив“, вели еден демонстрант. Турците остро ја критикуваат израелската воена офанзива во Појасот Газа. Една демонстрантка ја оценува како геноцид против палестинскиот народ.
Со тоа демонстрантите целосно ја поддржуваат израелската политика на својата влада. По две недели воздушно бомбардирање, Израел во раните часови во петокот (18.07.2014) започна копнена офанзива во Појасот Газа. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган тоа го оцени како државен тероризам од страна на Израел. Пред неколку дена тој политиката на Израелците кон Палестинците ја спореди со политиката на Адолф Хитлер.
„Која е разликата меѓу овој менталитет и Хитлер“, праша Ердоган. Претходно, десничарскиот пратеник во израелскиот парламент, Кнесетот, Ајелет Шакед истапи со став дека Палестинците-цивили се легитимна цел на напади. Ердоган ги обвини и ОН за целосно потфрлување, а Турција ја истакна како единствена држава која бара крај на насилството.
Антиеврејско подбуцнување во Турција
Последици од турскиот став кон Израел чувствуваат првенствено Евреите во Турција. Така, турската поп-пејачка Јилдиз Тилбе на Твитер објави антисемитски пароли.
„Ако Гопсод сака, муслиманите ќе бидат тие кои ќе стават крај на овие Евреи“, напиша таа. Градоначалникот на Анкара Мелих Гекчек ги поддржа нејзините изјави, некои тој ги сподели натаму оценувајќи ги за „полни со интелигенција“, како што цитира турскиот весник „Хуриет“.
Сепак, расистичките изјави во Турција предизвикаа и бран огорчување. На социјалните мрежи започна кампања против пејачката со барање таа да се извини. Еврејската заедница на својата интернет страница објави свој став и побара истрага против Тилбе.
„Ова е апсолутно расистичка изјава, која треба да биде санкционирана, но никој не презема ништо, а ние сме неноќни“, вели Силвио Овадија, поранешен претседател на турско-еврејската заедница.
Турско-израелските односи повторно заладени
Турција, една од првите земји која ја призна државата Израел во 1949 година, не е првпат дипломатски да биде на различна бранова должина со владата во Тел Авив.
„Од пред десет години меѓу двете земји има подеми и падови во односите. Главен проблем е палестинскиот конфликт“, истакнува Менсур Акѓун, директор на Центарот за глобални политички трендови на истанбулскиот универзитет. Двете држави порано беа сојузници и соработуваа на воен план, вели Акѓун во разговор за Дојче веле.
„Но, во 2005 година на власт дојде Хамас и не траеше долго додека меѓународната заедница не го одби политичкото владеење на Хамас на палестинска територија. Турција беше една од ретките држави во регионот која го поддржуваше Хамас како демократска власт. Тоа предизвика тензии“, вели Акѓун.
Во 2008 година односите со Израел се‘уште беа во ред, објаснува Акѓун: „Шимон Перез ја посети Турција заедно со Махмуд Абас. Но, на крајот на 2008 година се случи израелска воена операција во Појасот Газа, која Турција до денес ја квалификува за геноцид. Таа интервенција масивно ги потресе односите меѓу Израел и Турција“.
Потоа, во 2010 година загинаа десет турски активисти во напад на Израел врз турскиот хуманитарен брод Мави Мармара. Оттогаш, дипломатските односи меѓу Турција и Израел се на мраз. Турција побара извинување од Израел, обештетување за жртвите, како и прекин на блокадата на Појасот Газа.
„Двете земји во поседно време се обидоа да постигнат деескалација на дипломатската напнатост и успеаја да ги решат меѓусебните проблеми. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху лани се извини за нападот врз хуманитарниот брод. Постигнат е договор и за отштетата, а и блокадата на Газа прекина. Турската хуманитарна флота редовно лиферува хуманитарна помош за Газа“, истакнува Акѓун.
Турција сака да посредува
Но, по најновите израелски воздушни напади и копнената офанзива, Турција се чувствува принудена дипломатските односи да ги редуцира на минимум, резимира политикологот. Ердоган јасно кажа по израелската интервенција: „Како можеме да ги нормализираме односите со вас“?
Акѓун укажува и на посетата на претседателот на палестинските автономни власти, Махмуд Абас, во Турција (18.07.2014).
„Абас се обидува да најде заедничко решение со Турција. Анкара нема никакво влијание врз Израел, но затоа има врз Хамас. Турција ќе се обиде да го искористи него за постигнување мировно решение“, вели Акѓун.