Вовед во опасно сценарио за граѓанска пресметка?
17 февруари 2015Ако некој сака да ги засени, потисне и релативизира сознанијата што ги објавува опозицијата, со тоа што ќе почне на Јутјуб да дистрибуира разни видео-материјали, ризикува Македонија да ја внесе во многу опасна ситуација и сеопшт хаос, предупредуваат политиколози.
Предупредувањето доаѓа откако таканаречени „Македонски анонимуси“ преку видео на Јутјуб му се заканија на Зоран Заев со објавување на своја „бомба“.
„Ова што се случува во Македонија е креирано сценарио на странски служби и домашни платеници и извршители. Не сакаме да дозволиме на кукавички и неправеден начин, некој да создава магла, да шири креирани случаи, да сее страв, да уценува, да се заканува, и да го руши мирот во Македонија. Ние овие денови ќе објавиме работи кои лицето Зоран Заев и опозицијата сигурно ќе сакаат да ги скријат. Се е кај нас. Тик-так! Тик-так! Време е за правата вистина. Време е за целата вистина!“, објавија т.н. македонски анонимуси, тврдејќи дека го хакирале „дувлото на оние кои го креирале сето ова, а се поврзани со лицето Зоран Заев“.
По објавувањето на ова видео, со свој демант се јавија Анонимуси Македонија и се оградија од ваквите најави.
„Нашата страница нема направено вакво видео и не стоиме зад ова. Се сомневаме дека видеото е направено за нечии политички поени. Не наседнувајте. Анонимуси не се и никогаш не биле партиски поврзани“, напишааа Анонимуси Македонија на својата Фејсбук страна.
Од СДСМ демантираат дека непозната група им го хакирала компјутерскиот систем.
„Нам ни се познати активностите на оваа група и очекуваме наскоро тие да објавуваат валканици и глупости. Но, материјалот што го поседуваме за криминалите на власта е на безбедно“, изјавија од СДСМ синоќа за медиумите. И лидерот на партијата, Зоран Заев, им се обрати на граѓаните преку својот Фејсбук профил, со пораката: „Навивајте за нас затоа што искрено и чесно се бориме за слободата. Помогнете, затоа што се работи за слободата на сите и за нашата татковина. Ќе победи Вистината за Македонија! П.С. Подготвени сме за т.н. анонимуси…Нека почнат па ќе видат што значат вистински анонимуси!“
Опасни игри
На социјалните мрежи веќе се коментира дека реториката што користат овие „анонимуси“ е идентична со онаа што ја користи власта и нејзините поддржувачи „за одбрана за земјата од велепредавството на Заев“. Правните експерти очекуваат сериозна истрага за ваквите најави и предупедуваат на опасни последици доколку тоа не се случи. Политиколзи во најавените активност препознаваат вовед во многу опасни игри, кои ќе ја загрозат стабилноста на земјата. Според Горан Јовановски, ако разни материјали од незаконско прислушување и следење на комуникации туку -така се појават на Јутјуб, тоа укажува дека не постои волја кај надлежните за правна и институционална разврска на обвинувањата што доаѓаат од кампусот на опозицијата.
„На таква можна насока сугерираше и фактот што снимка од разговор Груевски-Заев исто така 'се најде' на Јутјуб. До денес јавноста не доби одговор кој ја објавил снимката, (веројатно истрагата се уште трае) иако според обвинувањата од „Пуч“ таа би требало да биде еден од клучните докази на власта. Кои се тие материјали кои Заев наводно ќе сака да ги скрие? Од каде некои 'анонимуси' знаат дали и што тој сака да скрие и како тие дошле до таквите материјали? Јасно е дека никој не може да поседува такви материјали, освен безбедносните служби. Сега, ако на еден материјал на опозицијата објавен на прес-конференција се одговара со друг, но не на прес-конференција и не во судска постапка, туку на Јутјуб, со тоа ќе потврди дека не постои никаква намера за правна разврска, туку само за ниска и нечиста пресметка. Притоа, многу опасно е ако преку разни здрженија за 'одбрана на Македонија' и граѓаните бидат вовлечени во пресметка со други граѓани. Сценариото 'граѓани против граѓани' е најпогубното нешто што може да и се случи на Македонија. Тоа власта итно мора да го спречи, во спротивно, ќе потврди дека било подготвено во нејзина режија“, вели Јовановски.
МВР на располагање
Дека можеби не е далеку од претпоставките, се потврдува и од текстот што го објави „Фокус“. Редакцијата тврди дека со порака им се јавил загрижен член на групата „Македонски анонимуси“ кој им им посочил дека таа група, во која некои пристапиле доброволно, а дел под принуда, деновиве треба да лиферува снимки од телфонски раговори добиени со неовластено прислушување. Според него, од групата со партиска координација било проценото дека медиумското внимание што го привлекуваат прес конференциите на Зоран Заев, може да се неутрализираат единствено преку контра-кампања од страна на „Македонски анонимуси“, или поточно од МВР. Тој на редакцијата на „Фокус“ и најавил дека има намера случајот да го пријави во институциите, но се плаши дека нема да добие соодветна заштита. Во страв за својата работа и живот, а свесен дека се подготвува нешто опасно, се обидувал преку медиумите да ја анимира јавноста, односно да ги спречи колегите „анонимуси“ да преземат нешто во кое и самите не веруваат.
ДВ го праша помошникот министер во МВР за односи со јавноста, Иво Котевски, дали полицијата ќе отвори истрага за групата, со цел да провери дали и од каде располга со материјали со кои се заканува.
„Ние се придружуваме кон апелите на Јавното обвинителство, да не се злоупотребуваат материјалите. Стоиме на располагање доколку кој било сака да пријави нови моменти во врска со обработката на случајот Пуч“, изјави Котевски.
Чекаат да си замине Хан?
Неофицијално, веќе се шират информации дека „анонимуси“ ќе започнат со своите активности, веднаш „откако ќе се расчисти теренот“, односно по заминувањето од земјава на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој синоќа допатува во Скопје, а денеска на одвоени средби со државниот врв ќе разговара за надминување на актуелната политичка криза. Според информациите, Хан ќе предложи вклучување на европратеници од двете најголеми политички групации во Европскиот парламент.
„Јасно е дека политичкиот дијалог мора да се води во Парламентот и барам од сите политички партии дебатата да ја водат таму“, изјави Хан. Претходно, тој не сакаше да го коментира скандалот во Македонија со случајот „Пуч“, но додаде дека се што води до транспарентност, може да креира решение.
Притоа не мислеше на „транспарентност“ каква што најавуваат новоформираните „анонимуси“.