1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анис Амри убиен во Милано

ЕМФ /агенции
23 декември 2016

Осомничениот атентатор од Берлин, Тунижанецот Анис Амри, ноќеска е убиен во престрелка со полицијата во Милано. Амри е идентификуван според отпечатоци до прстите.

https://p.dw.com/p/2UmVU
Fahndunsgfoto - Anis A. nach Terrorangriff Berliner Weihnachtsmarkt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Police Handout

Тунижанецот Анис Амри со автомобил бил запрен од рутинска контрола околу три часот изутрина, јавуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори. Тој извадил пиштол, по што почнала престрелка со полициските службеници, во која тој е застрелан. Италијанскиот министер за внатрешни работи Марко Минити денеска на прес-конференција треба да соопшти детали за случајот.

Анис Амри, по кој во вторникот беше распишана потерница, е осомничен за нападот со камион врз божиќниот пазар во Берлин, во кој загинаа 12 лица, а повредени се 48. Пред да дојде во Германија, во јули 2015 година, Амри престојувал во Италија. Во Италија пристигнал во 2011 година од Тунис, како бегалец. Бил сместен во прифатен центар за малолетници во Сицилија. Во центарот извршил различни кривични дела. Според весникот „Ла Стампа", наводно го запалил прифатниот центар. Бил осуден на четири години затвор, а откако ја одлежал казната требало да биде протеран, но имало проблеми со туниските власти. Амри ја напуштил Италија и дошол во Германија.

Infografik Anis Amri Aktualisierung nach Tötung in Mailand ENGLISCH

Неговото барање за азил во Германија било одбиено, но не можел да биде протеран во Тунис поради немање валидни документи. Документите од неговата татковина стигнале во средата, значи два дена по нападот во Берлин. Инаку, Амри од страна на различни безбедносни служби во Германија бил окарактеризиран како т. н. „загрозувач“. Тој имал контакт со радикално-исламистичката сцена.

Против Амри веќе се воделе истраги. Обвинителството во Берлин извесно време водело истрага против него поради сомневање дека подготвува насилство против државата. Властите притоа имале информации за наводно планиран упад за да се стигне до пари за купување оружје, веројатно за напад. Затоа властите во Берлин го имале Амри под надзор од март до септември годинава. Меѓутоа, опсервацијата покажала дека тој евентуално би можел само да биде ситен дилер на дрога во Герлицер Парк, едно од местата во Берлин познати по тргување со дрога.