1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел смета дека е можно изнаоѓање решение за кризата околу планираниот устав на ЕУ

14 јуни 2007

Германскиот канцелар поднесе владина изјава во Бундестагот спроти претстојниот самит на ЕУ по една недела во Брисел, со кој практично завршува шестмесечното германско претседателство.

https://p.dw.com/p/Awil
Од денешниот настап на Меркел во БундестаготФотографија: AP

Постои шанса за усвојување возен ред за донесување европски устав, иако е тоа херкуловска задача. Ако ова не успее, би имало неописливи тешки последици за иднината на Европа, рече Ангела Меркел денеска во Бундестагот. Таа укажа на стравовите на многу луѓе во земјите на Унијата од “европска супер-држава”.

“Тоа е, всушност, загриженост поради ненужното слабеење на националните држави, кои на луѓето им се сигурно огниште и неопходна ориентација. Но, тоа се однесува и на загриженоста поради премногу бирократски правила од Брисел, кои не ја почитуваат доволно нашата сопствена традиција. Мислам дека ние сите би требало сериозно да ја примиме таквата загриженост” – рече Меркел.

Колку е голема таа загриженост, јасно се виде и на референдумите во Франција и Холандија на кои беше отфрлен предложениот европски устав. Тоа, пак, ја предизвика кризата, која и натаму тлее.

Претседателот на фракцијата на Левичарската партија Оскар Лафонтен смета дека има средство за и во Германија повторно да се зголеми воодушевувањето на луѓето за Европа: “Само референдумот е средство, ништо друго. Се разбира дека луѓето не се задоволни кога и натаму се дозволува основа на европскиот развој да биде даночен дампинг, дампинг кај платите и во социјалата”.

Претседателот на партијата и на фракцијата на либералите Гидо Вестервеле, на примерот со американскиот антиракетен штит и планираното стационирање делови од него во Чешка и Полска, укажа колку се и политичарите далеку од некое заедничко европско размислување и постапување: “Тоа не е работа на две, три или четири држави. Тоа ја засега целата Европа. Тоа не е само работа на НАТО, туку прво е европско прашање и поради тоа треба да се најде на европски дневен ред”.

Социјалдемократот Ханс-Улрих Клозе како пример на отсуство на европска усогласеност го наведе француското истрчување со одбивањето членство на Турција во Унијата од страна на новоизбраниот претседател. “Мислам дека по изјавите на Саркози би морале да уследат разјаснувачки зборови. Договорот постои и неможе да биде ставен под прашање од една земја-членка. Каде би стигнале вака?”

И покрај сета критика, Меркел смета дека ЕУ е способна да дејствува. Таа го наведе ангажманот во блискоисточниот конфликт, иако таму во моментов се минимални надежите за мир меѓу Израелците и Палестинците - веќе и поради заострувањето на граѓанската војна меѓу самите Палестинци. Меркел апелира: "Ги повикуваме сите да го запрат насилството. Нема алтернатива за преговори за решение со две држави – израелска и палестинска. Сојузната влада со сите сили и натаму ќе се залага за тоа”.

Марсел Фирстенау