1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел - сама во машкиот свет

8 март 2012

Важеше за прототип на политичар од кој нема да излезе ништо. Бледо лице со подочници и фризура која беше главна тема за подбив. А, нејзината гардероба... Ангела Меркел немаше шанса, но сепак ја искористи.

https://p.dw.com/p/14H3j
Фотографија: AP

Никогаш во историјата на Германија од 1945 година наваму, еден политичар немал толкава поддршка како Ангела Меркел, ќерка на протестантски свештеник, кој со семејството живеел и работел во Источна Германија. Не многу телевизична, недогматска, многу прагматична - ова се само дел од фразите со кои најчесто се опишува нејзиниот лик.

„Ангела Меркел донесува одлуки врз основа на бројки, податоци и факти“, вели нејзиниот биограф Жаклин Бојзен. „Таа целосно ги игнорира догматските или идеолошките обврски, дури и во нејзината партија“, објаснува Бојзен. Ваквиот однос не и’ наштети, напротив, некогаш позната како „девојчето на Кол“ (Хелмут Кол, поранешен германски канцелар и лидер на ЦДУ, н.з.) во меѓувреме израсна во „Мајка“ и постојат бројни причини за тоа.

Меркел никогаш не беше опозициска фигура во комунистичка Источна Германија. Во тој период била типична „подготвена“ граѓанка на ГДР - ни преголем опортунист, ниту премногу своеглава. Со политиката „се запознава“ дури подоцна и тоа по игра на случајот.

Првата шанса

Работејќи како заменик-портпарол за последниот источно-германски премиер Лотар Де Мезие, за првпат на 35-годишна возраст добива шанса да ги покаже своите организаторски способности. Набрзо потоа, како член на Христијанско-демократската унија, го добива и првиот мандат во парламентот, и тоа пред се’ благодарение на Гинтер Краузе, првиот човек на ЦДУ во покраината Мекленбург Предна Померанија. Токму Краузе подоцна ја предлага и за министер во владата, се присетува во своите мемоари Хелмут Кол.

Bildkombo Von Endfrisur und Apricotblazer Angela Merkels Outfitwandel
Ангела Меркел пред 20 години и денесФотографија: picture-alliance/dpa

Злобниците ќе речат дека станува министер единствено затоа што е „млада, жена и од Источна Германија“. Првиот политички пораз го забележа како кандидат за покраински лидер на ЦДУ во Бранденбург. Загуби од стар политички лисец од Западот, кого Хелмут Кол се обидуваше да го елиминира. Тоа беше нејзиното прво искуство како политички пион.

Но, веќе истата година, Кол ја именува за негов заменик. Подоцна, во 1994-та, нејзиниот ментор ќе ја назначи дипломираната физичарка и за министер за животна средина и нуклеарна безбедност. Тука почнува нејзиниот продор во врвот на политиката. Најпрво се пресметува со државниот секретар во министерството, што за медиумите е прв сигнал за нејзината растечка самодоверба.

Елиминација на менторот

Поразот на ЦДУ и Хелмут Кол на изборите во 1998-ма ги шокира сите - освен Меркел. Таа во поразот гледа шанса за зајакнување на својата позиција, а новиот лидер Волфганг Шојбле ја именува за генерален секретар на партијата. Во 1999-та ќе избувне аферата со нелегалните донации во ЦДУ. Шојбле и Кол се во центарот на вниманието и длабоко дискредитирани. Скандалот не ја погаѓа Меркел. Со нејзиното источно-германско потекло, таа успева да се наметне како „кризен менаџер“ и да ја искористи шансата да го кутне својот ментор.

„Чекорите на Хелмут Кол и‘ нанесоа штета на партијата“, ќе напише Меркел во авторски текст во „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, во декември 1999-та. Нејзината разделба со менторот беше и последниот „еманципаторски чекор“.

Веќе во април 2000-та беше избрана на чело на ЦДУ, претставувајќи се како нова надеж за дезориентираната ЦДУ. Во неа гледаа свежа крв, која ќе и‘ донесе нов почеток на партијата.

И покрај тоа што на парламентарните избори во 2005 година бројот на добиени гласови ја принудуваат на широка коалиција со главните ривали - социјалдемократите, Меркел сепак ја остварува целта. Станува канцелар, прва жена канцелар во историјата на Германија.

Merkel, spätere Bundeskanzlerin, beugt sich während des CDU-Parteitags in Dresden zu ihrem Mentor Bundeskanzler Kohl
Со некогашниот ментор, Хелмут КолФотографија: picture-alliance/dpa

Веќе 12 години е на чело на ЦДУ, а полни седум е канцелар. Во меѓувреме ги неутрализираше сите политички противници и критичари во партиските редови.

Прагмата пред се’

„Таа ги повлекува фигурите на шаховската табла со цел да елиминира каква било опасност. Тоа го прават и другите политичари, но во случајот, за многумина е чудно што тоа го прави жена“, вели нејзиниот биограф Бојзен.

Во меѓувреме се‘ повеќе се наметнува и како лидер на европската и светска политичка сцена. Одигра главна улога во решавањето на европската финансиска криза. Нејзиниот прагматизам и натаму доаѓа до израз. По катастрофата во Фукушима, некогашната жестока поборничка за користење на нуклеарната енергија затвори повеќе германски нуклеарки.

„Мораме да ги истражуваме старите верувања, но и да пронаоѓаме нови“, ќе порача Меркел на последниот партиски конгрес на ЦДУ. Но и по 12 години на чело на партијата, многумина во ЦДУ и натаму се прашуваат дали таа ја претставува „душата“ на христијанскиот-конзервативизам.

Автор: Волфганг Дик/Фолкер Вагенер/БГ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска