Ангела Меркел – од автентична девојка од Темплин, до Лара Крофт на германската политика
29 август 2005„Ханделсблат“ од Диселдорф во врска со манифестацијата во Дортмунд пишува:
„Од партискиот собир на ЦДУ на викендот започна ’жешката фаза‘ на предизборната кампања, а Ангела Меркел останува сосем ’кул‘. Не е за чудење: победата никој не може да и’ ја одземе. Ни бруто како нето. Никаков малер веќе не може да ги влоши резултатите во испитувањата на јавното мислење и да ја доведе кандидатката за канцелар во неволја. Избирачите не ги импресионираат два месеца блескав циркус, туку изминатите сиви години. Во тоа ништо не може да растресе ни Герхард Шредер“ – оценува „Ханделсблат“.
„Зиддојче цајтунг“ од Минхен коментира:
„Ангела Меркел, некогаш автентичната девојка од Темплин, во неделата стана Лара Крофт на германската политика, вештачка фигура која се враќа во реалноста. За состојбата во предизборната борба таа манифестација ја исполни својата цел. Но, тоа не значи воопшто ништо за способноста на Унијата да владее“.
И „Франкфуртер алгејамне цајтунг“ критички забележува:
„Ангела Меркел беше славена како некоја суперѕвезда. Тоа речиси беше партиски собир во американски стил, иако всушност станува збор за предизборна манифестација. Решителноста и оптимизмот произлегоа сами од себе. Но, ’другата страна на медалот‘ на празникот од Дортмунд ќе има подолготрајно влијание, отколку бурниот аплауз. Реалноста е надвор. Таа е посилна отколку атмосферата во салата. Се’ уште, пред се’ помладите пратеници, си прават илузии околу консеквенциите на финансиската положба на федерацијата. Кирхоф – во случај на победа на ЦДУ – ќе нема повеќе да подели, отколку денес Ајхел“ – предупредува „Франкфуртер алгемајне“.
На тешкотиите што ќе мора да ги совлада ЦДУ по можна промена на власта укажува и „Лајпцигер фолксцајтунг“:
„Ова се’ уште се празници на Енџи кога се собираат великаните на демохристијаните. Поп-презентацијата на ’Шампиони‘ на Меркел беше раскошна инсценација на очекуваната промена. Таа би можела за наредното време да биде една од последните станици на чисто задоволство. Касите се празни, а јазот помеѓу реформските идеи и статусот на изводливост изгледа огромен“.
„Штутгартер цајтунг“ анализира:
„Тоа не беше партиски собир. Овде беше целебрирана миса за Ангела Меркел. Меѓутоа, кој размислува пошироко од предизборното зашеметување, ќе почне да го копка. Волфганг Шојбле, се’ уште една од најмудрите глави во Унијата, по 22-ри мај повика да не се размислува само за предизборната кампања, туку и за времето потоа. Тој опомена на подготовка за владеење. Кој ќе фрли поглед кон тоа, ќе му се вовлече сомнеж. Партијата маршира емоционално. Но, персонално, и покрај тимот на компетентните и потегот со Кирхоф, се’ уште недостасува сила на еден тим отпорен на кризи“ – заклучува „Штутгартер цајтунг“.
„Ное вестфелише цајтунг“ од Билефелд искажува сомневање и во единството во ЦДУ и предупредува:
„Енџи како кандидат ’на седмо небо‘? Не сосем. Воодушевувањето на покраинските кнезови за кандидатот за канцелар се чини дека и натаму се одржува во прегледна мера. Роланд Кох, Јирген Ритгерс или Кристијан Вулф не се претркуваат од ревност. Ако Меркел направи грешка, никој од тоа друштво нема да и’ подаде рака; посебно Кох и Вулф ни на сон не помислуваат на тоа своите сопствени планови во кариерата трајно да ги жртвуваат во полза на Меркел. Заседна ли еднаш таа во кабинетот на канцеларот, покраинските премиери постојано ќе и’ покажуваат мускули“ – предвидува „Ное вестфелише цајтунг“.
„Ноес Дојчланд“, весник од Берлин, се занимава со партиската изборна програма што речиси едногласно ја усвои Левичарската партија:
„Левичарската партија на викендот стави јасни знаци на патот за една политичка алтернатива против политиката на социјално студенило. Таа нема да проповеда вода, туку вино – рече Гизи, ’зашто ние сакаме да се ослободиме од сиромаштијата‘. Проблемот на левичарите по овој партиски конгрес веќе не е дека им недостига уверлива програма за тоа, не недостасуваат ни предлози за нејзино финансирање, што политичката конкуренција -според природата на нештата - ќе го оспорува со постојано варирачки бројки. Проблемот што останува е: ним им недостасува партнер за спроведување на програмата. Поради тоа само е консеквентно што Левичарската партија не ветува ништо друго, отколку од опозиција да развива постојан поименичен притисок врз СПД и Зелените. Дури кога тие ќе бидат подготвени да свртат од неолибералниот курс, навистина би можела да стане пивка голтка вино. За тоа е потребно зреење од најмалку 4 години“ – смета „Ноес Дојчланд“.