1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел на „вербална стрелба“

26 август 2011

Ангела Меркел во моментов е соочена со критики од сопствената партија. Згора на тоа, Меркел се најде во визирот и на поранешниот канцелар Хелмут Кол и претседателот Кристијан Вулф. Но, ова е само делумно точно.

https://p.dw.com/p/12O1J

Се надеваме дека германската канцеларка Ангела Меркел добро се одморила за време на годишниот одмор. Имено, откако се врати во Берлин секојдневно од весниците во киосците ја удираат наслови в лице: „Хелмут Кол: Драматичен апел до Меркел! Мора да внимаваме, да не’ прокоцкаме се’!“ беше напишано на насловната страница на весникот„Билд“, кој има милионски тираж. Во сериозниот „Зидојче цајтунг“ пак, насловот гласеше: „Кол: Надворешната политика на Меркел е без компас“.  

Хелмут Кол, имено, даде интервју за стручното списание „Меѓународна политика“. Поранешниот канцелар беше запрашан за негово мислење во врска со германското „не“ во 2003 година за ирачката војна од страна на Герхард Шредер и воздржаноста при донесувањето на резолуцијата за Либија во ОН годинава. „Дали Германија го загуби својот компас? Искусниот и успешен политичар за надворешни работи на ова ќе одговори: За жал тоа мора да го констатираме.“ Поранешниот канцелар истовремено побара да се поврати старата доверба, што светот ја имаше во Германија.

Deutsche Welle Peter Stützle
Петер ШтитцлеФотографија: DW

Критиката на Кол без сомение се однесува и на неговата актуелна наследничка, Ангела Меркел, иако не ја именува експлицитно. Конкретно, поранешниот канцелар ја критикува црвено-зелената коалиција по неговата ера. На оваа влада Кол и‘ префрла голема вина за денешната криза со еврото: таа ја прими Грција во еврозоната без да бидат применети строгите предуслови, а и самата ги прекршуваше критиериумите за стабилност во европската монетарна унија. На владата на Меркел која индиректно ја критикува, Кол не и‘ дава конкретни упатства, како да постапува поинаку.

Тоа во прва линија е проблемот пред кој денес стои Ангела Меркел: таа добива голема критика за постапките при кризата со еврото, но алтернативните предлози, дури и ако се појават, дијаметрално си противречат. Германската влада, како и нејзините европски партнери, не може да се ориентира на претходни примери, затоа што такво нешто немало во европската монетарна унија. Меѓутоа, како и да одлучи, за мнозинството во јавноста одлуката ќе биде погрешна.

Така и говорот на претседателот, Кристијан Вулф, пред носителите на Нобелова награда за економија, од поголемиот дел медиуми беше пренесен како критика на Меркел. Но, критиката на германскиот претседател во прва линија се однесуваше на Европската централна банка и како второ - воопшто, на сите европски влади, а не само и најнапред на германската влада. Напротив, она на што Вулф опомена во врска со евро-кризата, е во иста насока со она кон што се стреми германската влада, а не може целосно да го спроведе на европско ниво. Говорот на Вулф би можел да се интерпретира дури и како поддршка на Меркел.

Но, во весникарската џунгла засега нема такво расположение. Да се критикува Меркел е тренд, и тоа го прават сите, од лево до десно ориентираните. Со едно нешто канцеларката сепак, може да се утеши: идните избори се далеку, а ваквите расположенија брзо се менуваат!

Автор: Петер Штицле

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска