1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел во Вашингтон

Петер Штицле3 мај 2006

Германскиот канцелар ќе разговара со претседателот на САД Џорџ Буш за атомската програма на Иран, а ќе зборува и на прославата на 100-годишнината на Американскиот еврејски комитет

https://p.dw.com/p/AdXB
Ангела Меркел
Ангела МеркелФотографија: AP

Ова е веќе втора посета на Меркел на САД во петте месеци откако е канцелар. Од аеродромот во Вашингтон таа ќе оди директно во Овалната сала на Белата куќа на разговор со Џорџ Буш. Во врска со главната тема – Иран, според висок претставник на владата во Берлин, Меркел ќе се заложи за одмерени натамошни чекори во спорот околу атомската програма, како и за единство на меѓународната заедница по ова прашање. Кон оваа цел беа насочени и нејзините претходни средби со рускиот претседател Владимир Путин во Томск, како и со индискиот премиер Манмохан Синг во Берлин, во таа функција ќе биде и нејзината претстојна посета на Пекинг.

Меркел со сите сили сака да се избегне раскол во меѓународната заедница како во конфликтот околу Ирак. Таа, според наводи од владини кругови, во врска со ова одржува редовни телефонски контакти со американскиот претседател Буш од нивната прва средба. Инаку, друга важна тема на нивниот денешен непосреден разговор ќе биде ставот спрема палестинската влада предводена од движењето Хамас.

В четврток изутрината Меркел ќе оди во Њујорк, каде ќе се сретне со врвни американски менаџери. Германското стопанство притиска кај канцеларот да се заложи за унапредување на укинувањето на трговските пречки меѓу Европа и САД. Потоа таа ќе зборува пред поканетите гости на Американскиот совет за Германија, манифестација што ќе ја отвори поранешниот американски министер за надворешни работи Хенри Кисинџер.

По краткиот престој во Њујорк, германскиот канцелар ќе се врати во Вашингтон, кон фактичкиот повод за ова патување: учеството на свеченоста по повод 100-годишнината на Американскиот еврејски комитет. Ангела Меркел е поканета како говорник, заедно со американскиот претседател Буш и идниот израелски заменик-премиер Шимон Перес. Досега ниеден германски канцелар немаше можност да зборува на собир на најголемата еврејска организација во САД. Поканата за Меркел во германската влада се оценува како посебна чест.