Ана Брнабиќ - фрустрирана премиерка
30 јуни 2017Уште на самиот старт на новата влада, стана јасно дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ништо не сака да препушти на случајот. Одлуката на парламентот премиерот и владата да се избираат со јавно гласање - прозивка, само ги потврди предвидувањата за илузорноста од очекувањата за автономија на новата влада и премиерката. Партиското и коалициското дициплинирање, без оглед на сигурната бројчана поддршка за избор на новиот премиер и влада, остави впечаток на длабока несигурност во самата владејачка коалиција.
Ако јавното прозивање на пратениците е некаков сигнал за почеток, тогаш е јасно дека новата влада практично и натаму ќе биде влада на чие чело само формално нема да биде Александар Вучиќ. Со таква оценка се согласува и новинарот Дејан Анастасијевиќ, кој за Дојче веле вели дека од новата влада очекува „повеќе исто“. „Кога ќе го погледнете кадровскиот состав на неколку нови влади во изминатите неколку години, ќе видите дека во нив се вртат едни исти лица. И сега се обидуваат ова да ни го продадат како некоја 'нова влада'. А истовремено, во земјата ништо не се менува, зашто постои шоу на еден човек или поинаку речено - циркус во кој еден човек кроти лавови, вади зајаци од шешири и изведува вратоломии на трапез, во придружба од неколку кловнови.“
Кариеристичко чудо од дете - веќе видено
Претседателот на Напредниот клуб Чедомир Антиќ забележува дека првпат од времето на Јосип Броз наваму, во Србија има влада со поддршка од странство, поддршка од сиромашните слоеви и подделена поткрепа од елитата. „Што се однесува на Ана Брнабиќ, мислам дека основниот проблем е што таа нема ниту политички кредибилитет, ни авторитет. Тоа не е добро за земја без парламентарна традиција и во која сѐ повеќе се оди кон монизам. Затоа, грешка е некој со таква биографија и без вистински политички ангажман да преземе ваква функција.“
Во текот на дводневната дебата во парламентот на Србија, се стекна впечаток дека Ана Брнабиќ, како некој вид компензација за недоволниот политички авторитет, презеде некои карактеристики кои го красат Алексанад Вучиќ: ароганција и желба на секој начин да се избегнуваат одговори на конкретни прашања.
Дејан Анастасијевиќ оценува дека таа ароганција носи корен од фрустрација, чие објасување е релативно лесно: „Таа фрустрација потекнува од фактот што е поставена на функција со формално голема моќ, но уште на почеток ѝ е ставено до знаење дека таа моќ нема да може да ја користи. Премиер кој не одлучува за политички прашања е оксиморон. И што и да зборува таа сега во Собранието, таа е премиер без политички овластувања, а тоа е вистински фрустрирачки.“
Дигитализација или канализација?
Експозето кое го поднесе Ана Брнабиќ пред пратениците, веќе е оценето за список на добри желби. Во тој документ доминираат образованието, претприемништвото и можеби клучниот збор од нејзиното експозе - дигитализацијата. Тоа предизвика бројни забелешки кај опозицијата, која ја критикува премиерката дека заборавила да се зафати со прашањата за владеење на правото, слободата на печатот или ситуацијата на Косово. Имаше и пратеници кои велат оти во експозето има „премногу дигитализација, а премалку канализација“. Во функција на умесноста на ваквата забелешка, тие наведуваат и податоци според кои голем број места во Србија, вклучувајќи и одделни белградски населби, немаат канализација, како ни водоводна и друга комунална инфраструктура.
„Секако, сега ќе се најдат и многу такви кои ќе речат дека тие се како оние Срби кои биле противници на железницата“, наведува Чедомир Антиќ. „Што ќе им е канализација, ја немале 150 години, важно е да се дигитализираме. Не можеме да затвораме очи пред фактот дека и во Белград на децата во основните училишта им се делат лаптопи и таблет-компјутери, додека во бројни места во Србија се живее слично како во ерата на Енвер Хоџа во Албанија“, забележува Антиќ.
Во критиките на сметка на дигитализацијата, Дејан Анастасијевиќ гледа доказ за занимавањето на опозицијата повеќе со терминологија, а помалку со суштината. „Единствено прашање на кое би требало да инсистира опозицијата е следното - што треба да значи целата оваа приказна, ако Ана Брнабиќ не е овластена да се занимава со политички прашања? А приказната дали е потребна дигитализација или Косово и дали би требало да го дадеме Косово за дигитализација, е пример за тоа лутање на опозицијата и се сведува само на нејзино дофрлување од задните клупи.“
„Мислам дека ова експозе е многу помалку список на добри желби отколку порано“, оценува од другастрана професорот по политички науки, Ѓорѓе Павиќевиќ. „Тоа експозе изгледа дури и прескромно во поглед на поставените цели. Да речеме, дигитализацијата е важна, но не толку за да може сега да има третман на стратешка цел, зашто тоа не е цел која сега може нешто клучно да реши.“
Пад меѓу две столици
Надворешнополитичкиот курс на земјата веројатно нема побитно да се менува, без оглед на некои драматични предупредувања според кои новата влада сега многу повеќе ќе биде свртена кон Москва, отколку кон Брисел. Причина за такви предупредувања се гледа во некои кадровски решенија во владата, првенствено Александар Вулин како министер за одбрана и Ненад Поповиќ како министер без портфељ. „Затоа и предупредуваме дека е лошо да се има премиер, кој на некој начин бега од политички теми“, вели Ѓорѓе Павиќевиќ. „Посебно што нѐ очекуваат жешки теми, особено во процесот на преговори со ЕУ, каде ќе биде потребно донесување некои важни одлуки.“
Чедомир Антиќ истакнува дека „српските политички елити, но и народот, најрадо би избегнале да се определуваат. Мислам дека тоа и Вучиќ го сака, но тоа не зависи сега толку од Западот, колку од Русија. Москва не е спремна за преголемо влегување на оваа територија и има многу софистицирани цели во својот регион. Затоа се плашам, ако дојде до банкрот на таа политика, ние немаме идеја што би правеле во тој случај.“
На слична опасност предупредува и Дејан Анастасијевиќ, според кого одлуките за тоа секако нема да ги носи Ана Брнабиќ, туку Александар Вучиќ. „Но, и политиката на седење на две столици ќе мора многу брзо да се разреши. Натамошното одржување на оваа позиција станува сѐ поопасно за Вучиќ, зашто постои можност двете столици толку да се оддалечат, што тој просто ќе тресне меѓу нив,“ истакнува Анастасијевиќ.