Американските војници се бесни и фрустрирани
26 февруари 2012До пред само неколку недели една видео снимка на интернет предизвикуваше згрозеност - таа прикажуваше како американски војници во Авганистан уринираат врз три тела на загинати. И тоа не е единствен скандал од ваков вид кај американската армија. Пред речиси една година на виделина излегоа фотографии на американски војници кои позираа насмеани со мртви жртви. И незаборавни се злоупотребите на ирачки затвореници во воениот затвор Аби Граиб во 2004 година - фотографии со американски стражари кои сексуално злоставувале и понижувале. Најпозната беше фотографијата на жена војник која носи затвореник на ремен како куче.
„Тоа е како крик по поодговорно раководење во американската армија и истовремено покажува низ што минуваат војниците во војна“, вели Ненси Шерман, професорка по филозофија на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.
Таа со години работи во сферата на етичките аспекти на воените ангажмани. Нејзината актуелна книга „Некажаната војна“ ги расветлува моралните рани кои војниците ги носат дома по воените мисии. Тоа што американските војници во воени мисии постојано ги пречекоруваат границите на етиката и моралот, таа го објаснува со огромниот стрес на кој се изложени:
„Војниците се бесни, фрустрирани, можеби токму што загубиле воен другар или самите за влакно избегнале смрт.“
Вентил
За со сето тоа да излезат на крај потребен им е вентил, на пример со тоа што ги „онечовечуваат“ своите непријатели, што ги демонизираат.
„Сквернавењето на еден човечки труп е нешто како трофеј за војниците, тие тогаш го имаат последниот збор, тоа за нив е емоционално ослободувачки.“
За последиците не размислува ниту еден од погодените војници во вакви ситуации, убедена е Шерман. Експертот за етичко однесување во војска не сака во никој случај да го оправдува однесувањето на војниците, иако вели дека црниот хумор со цинични вицови за непријателот е секојдневие кај војниците во воени мисии. Тоа е едноставно дел од човечката психа за да се обработат трауматичните настани. Сепак...
„Едно е да се раскажуваат невкусни вицови, а сосема друго е да се сквернават трупови, или свети книги на непријателот.“
Помага само железна дисциплина
Во актуелниот случај со палењето на Коранот во базата на ИСАФ Баграм во Авганистан станува збор за пропуст, вели американскиот генерал Џон Ален. За вакви „забуни“ да се избегнат во иднина, би можело да помогне школувањето на војниците во базата за вистински начин на однесување со „религиозен материјал“, за што наредба издаде Ален. Според експертите како Ненси Шерман, пак, за во иднина да се избегнат оштетувања на религиозни материјали, злоставување затвореници или сквернавење трупови, помага само поостра дисциплина, дури и во најмалите единици на американските сили.
Автор: Јулија Хумелзип / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска