1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американски војници уринирале врз мртви талибанци

12 јануари 2012

Талибанците оценија дека се работи за варварски акт, а американската армија најави дека ќе спроведе истрага и остро ќе ги казни виновниците.

https://p.dw.com/p/13i3X
Фотографија: picture-alliance/dpa

Портпарол на Пентагон соопшти дека американската армија ја истражува „одвратната“ видео снимка на која четворица маринци во воени униформи уринираат над телата на тројца мртви талибанци. Маринците биле свесни дека нивните постапки се снимаат, па 40-те секунди, колку што трае снимката, содржат и нивни дијалози.

„Ова е уште еден варварски чин на странските сили. Во последниве 10 години имаше стотици слични случаи кои не беа откриени“, изјави портпаролот на талибанците, Забинула Муџахед.

Својата огорченост за видеото, кое беше објавено на најгледаната авганистанска телевизија Толо Њуз, веднаш ја изнесе и Советот за исламско-американски односи, организација за заштита на правата на муслиманите од Вашингтон, оценувајќи дека претставува одвратен и неморален чин. Ако се покаже дека снимката е веродостојна, тоа ќе претставува нешто потполно недолично за американскиот воен персонал и ќе ги загрози и останатите војници и цивили, се наведува во писмото на Советот кое е упатено до американскиот секретар за одбрана Леон Панета.

Пентагон отвора истрага

Пентагон се‘ уште не ги идентификувал војниците, ниту може да ја потврди автентичноста на видеото, но портпарол изјави дека „му се смачило“ од она што го видел и притоа најави темелна истрага. Неименуван воен извор за агенцијата АФП проценува дека најверојатно се работи за припадници на елитниот снајперски тим на американската армија.

US-Verteidigungsminister Leon Panetta
Леон ПанетаФотографија: Reuters

Ова е уште еден во низата инциденти во кој американски војници беа обвинети за малтретирање цивили и затвореници во Авганистан и Ирак.

Во март 2011. година американската армија се извини откако беа објавени фотографии на петмина војници кои позирале со мртвите тела на цивили во Авганистан. Петмина војници беа обвинети за убивање цивили „од забава“. Водачот на групата во ноември ланската година доби доживотен затвор, откако беше утврдено дека на цивилите кои ги убивал им ги сечел прстите и забите и ги чувал како „трофеи“.

Во 2004. беше откриен скандал во затворот Абу Граиб во Ирак, каде американските војници се изживувале над затвореници. 11 војници беа осудени поради инцидентот, а нивните казни се движеа од отпуст од армијата до 10 години затвор.

Автор: БГ/афп/дпа

Редактор: Е. М. Фиданоска