1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американски војник убил 16 цивили во Авганистан

11 март 2012

Американски војник, според авганистански извори, влегол во три куќи во Кандахар и убил 16 цивили. Повредени се пет лица, соопшти централната влада во Кабул. ИСАФ го потврди инцидентот, но не наведува податоци за жртви.

https://p.dw.com/p/14J0J
Фотографија: AP

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи нападот го нарече атентат. Војникот уби 16 луѓе, од кои 9 деца и три жени, изјави Карзаи. Тој од САД побара објаснување.

Од Белата куќа денеска се вели дека извештаите за инцидентот предизвикуваат „длабока загриженост“. „Ја набљудуваме ситуацијата внимателно“, изјави портпаролот на американскиот Национален совет за безбедност, Кејтлин Хајден.

Осомничениот војник, според наводи на НАТО, е уапсен, но детали за настанот не се соопштуваат. „Изразуваме жалење поради инцидентот“, се вели од ИСАФ.

Агенцијата Франс прес јавува дека нејзин репортер видел 16 тела на загинати, меѓу нив и жени, деца и постари мажи. Најстариот член на едно семејство во селото Назибан изјавил дека се убиени 11 члена на неговото семејство. Според друг човек од селото Алкосаи, во нападот во неговата куќа загинале четворица негови роднини.

Портпарол на провинциската влада за АФП изјави дека американскиот војник го напуштил кампот рано изутрината. Подоцна се вратил во својата канцеларија во базата, кадешто бил уапсен. За мотивите за делото не се соопштува ништо.

Односите меѓу Авганистанците и трупите на НАТО во изминатиот месец доживеаја голем пад откако во базата Баграм американските војници запалија примероци од Коранот. Во протестите и инцидентите што потоа следуваа беа убиени, меѓу другите, и двајца американски офицери во авганистанското Министерство за внатрешни работи. НАТО по тој случај ги повлече своите советници од министерствата во Авганистан. Ваквиот чекор го следеа и Велика Британија, Германија и Канада.

Автор: ЕМФ/ЖА/афп/дапд/ртр

Редактор: Ж. Ацеска