1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на Г7 - големо шоу

Сабрина Пабст/Зоран Јордановски4 јуни 2015

Со голема помпезност и луксуз, самитот на Г7 ќе биде демонстрација на надмоќ. Сокриен во замок во осамена долина во Алпите се среќава врвот на светската политика. Но, не се сите воодушевени од тоа.

https://p.dw.com/p/1FbRA
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Погледите на цел свет на викендот ќе бидат насочени кон Елмау, мало место во алпскиот регион на Баварија, каде ќе се одржи самитот на Г7. Во „Замокот Елмау“ два дена ќе заседаваат лидерите на седумте најразвиени индустриски земји на светот и нивните делегации. На осамено место во мала долина, „Замокот Елмау“ со пет ѕвездички плус е еден од водечките објекти од тој вид во Германија.

Приватниот пристапен пат е долг седум километри, со многу свиоци води низ шума и расцутени ливади. Освен оддалечено мекање на кози и звуците од нивните ѕвонци, ништо друго не се слуша. Птици грабливци лебдат на небото. Тишина. Под чевлите за планинарење тивко крцкаат камењата на планинарските патеки, кои водат покрај рустикални плевни и привлечни, типични алски домови. Кратко климнување со глава и поздрав „Грус Гот“ и потоа планинарот што ти доаѓа во пресрет повторно исчезнува. Се слуша само звукот од неговите штеки за пешачење кога удираат на земјата.

Во такви алпски кулиси треба германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот претседател Барак Обама и нивните колеги да ја направат традиционалната „семејна фотографија“. Но, тоа нема да се случи. Алпскиот шарм го нарушува стаклена надградба во избраниот замок. Уште полошо: надградбата е илегална. Фотографирање на државници пред некоја дивоградба - тоа не оди.

Deutschland Schloss Elmau
Новинарите имаа прилика да фрлат поглед во собите во дворецотФотографија: picture-alliance/dpa/S. Jansen

Новинарите чекаат во редица

Виновен за тоа е Дитмар Милер-Елмау, сопственик на „Замокот Елмау“, кон кого припаѓа и спорната надградба. Тој го кренал повисоко покривот без дозвола од властите во Гармиш-Партенкирхен. Тоа со години никому не му паѓаше в очи; интервенцијата уследи заради планираното фотографирање: покривот мора да се сведе на дозволеното ниво.

Милер-Елмау со задоволство пред камерите ги покажува седумте идентични апартмани со поглед врз околниот пејсаж од кој запира здивот. Новинари веќе со месеци однапред чекаат на ред за да добијат интервјуа. Милер-Елмау гордо ги води низ холовите и салите. Хотелот е место за средби на интелектуалци, слободоумни мислители или деловни луѓе и политичари, кои сакаат да го доживеат „духот од Елмау“. За гостите има и културна програма: прочуени исполнители на класична или џез-музика, литературни читања, јога. И рестораните се рангирани со ѕвезди, нудат ретки задоволства.

Deutschland Schloss Elmau Besitzer Dietmar Müller-Elmau
Дитмар Милер-Елмау, сопственик на „Замокот Елмау“Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Jansen

Хелидром само за време на самитот

Господарот на замокот, се чини, не ги сфаќа многу сериозно дозволите и одобренијата. Тие, како и заштитата на природата, можат малку да бидат заборавени поради самитот. Но просторот за хелидромот, специјално бетониран за хеликоптери да ги донесат државниците, по самитот треба да се врати во првобитна состојба. Треба пак да се тргне бетонот, оти тоа место вообичаено им служи на планинарите како неасфалтиран парк-плац. Но, кога веќе е бетонирано, Дитмар Милер-Елмау постави таму и гигантски свечен шатор (50 метри долг, 25 широк) за еден добростоечки традиционален негов гостин. Ни тоа не било договорено со надлежните во Гармиш-Партенкирхен.

Милер-Елмау умешно се инсценира себе си и својот „замок“. Дури и контејнерите поставени во непосредна близина на замокот и во функција на прес-центар, се закитени во алпски стил. За сопственикот на хотелот самитот е перфектна можност за рекламирање.

Reportagereise G7
Фотографија: DW/S. Pabst

Г7 е мега-настан за регионот

„Кога таа слика за луксузен хотел ќе биде испратена во светот, ќе дојдат и гости со пет ѕвезди“, смета локалниот политичар на Зелените Јерг Јофи. Но, таков висок стандард може да понуди само „Замокот Елмау“. Во регионот доминира туризам со еднодневен престој и речиси се’ се врти околу некогашниот крал на Баварија Лудвиг, вели Јофи. Во непосредна близина се и два прочуени замока. Регионот сепак не е многу туристички успешен и покрај големиот потенцијал, смета тој.

„Туризмот се промени во последните години“, вели Клаудија Ганс, чија гостилница во Клајс ретко кога е пополнета. Низ Клајс само минуваат возила со гостите на „Замокот Елмау“ и уште еден луксузен хотел три километри понатаму. „Тамошните гости не заталкуваат во околните места, дури ни на едно кафе“, вели Ганс. Гармиш е на премин од зимски во летен туризам. Но, за да биде успешен, му недостасува стратегија, коментира Јерг Јофи.

Пресврт и подем на еден заборавен туристички регион?

Регионот на Гармиш-Партенкирхен сака да поентира во светот со неначнатата природа од алпските кулиси. Градоначалничката Зигрид Мајерхофер е сигурна во тоа. За неа и за општината самитот на Г7 е благослов - не само поради свежо санираното градско собрание.Таа го затвора прозорецот за да не се слуша бучавата од градилиштето и автомобилите што минуваат тука. Се смее задоволно.

Deutschland Schloss Elmau G7 Gipfel
Големо полициско обезбедувањеФотографија: picture-alliance/dpa/A. Warmuth

Со недели се букирани најголемиот дел од креветите во најзината општина со 26 илјади жители и изнајмени на новинари и полицајци. За вонредната ситуација пред и за време на самитот таа ги посоветува граѓаните „да не запаѓаат во паника и да продолжат да си живеат како и обично - опуштено и гостопримливо“. Таа се надева дека „ќе станеме уште поинтересни како туристичка дестинација“.

Јерг Јофи од Зелените има сосем поинакво гледање: „Округот Гармиш-Партенкирхен е непогодно место за самитот. Целокупната инфраструктура не е уредена за таква намена. Попуштаат сите шевови“. Посебно го загрижува фотографијата на интернет-страницата на баварското министерство за внатрешни работи, на која се гледаат мноштво полициски возила во долината Елмау: „Не сум сигурен дека токму тоа е сликата што треба да го обиколи светот - дека од толку полициски сили веќе не може ни да се оди“.