Албанците од депортација спасиле 2.000 Евреи
27 декември 2012
„Албанците беа феноменални- таму по војната имаше повеќе евреи отколку пред неа“, кажува 83 годишната Јохана Јута Нојман. За време на Втората светска војна еврејката од Хамбург нашла прибежиште кај едно муслиманско семејство во Албанија. Во таа мала земја пред војната живееле околу 2000 Евреи (од вкупно 1 милион население колку што имала тогаш Албанија)- а малку подоцна повеќе од 2.000.
Денес Јохана Јута Нојман живее во Вашингтон. Во Германија ја покани Друштвото на германско-албански пријатели за да ја претстави својата книга „По заобиколен пат преку Албанија“. Во неа таа го опишува бегството на своето семејство во пролетта 1938 година во Албанија која тогаш била под италијанска окупација. Албанската амбасада во Берлин до 1942 година им издавала визи на Евреите.
Така до летото 1943 година многу Евреи од Европа побарале азил во Албанија, бидејќи во другите земји тоа било невозможно.
Дадениот збор е појак од се’
На гостинот - „микут“- во Албанија, според стариот обичај, треба да му се искажат преданост и гостопримство, односно да му се гарантира сигурност. Ако еден Албанец на гостинот му даде збор- „беса“- тогаш мора да го одржи. Всушност таа традиција придонесла за тоа многу Евреи од цела Европа меѓу 1938 и 1945 година да најдат прибежиште во земјата со мнозинско муслиманско населние. Таму повеќето од нив останаа да живеат до почетокот на деведесетите години од минатиот век. По падот на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, многу албански Евреи се иселија во Израел и во САД.
Изрелскиот меморијален центар Јад Вашем досега има одликувано 69 Албанци со признанието „Праведник меѓу народите“. Некои од нив се претставени и на патувачката изложба „Беса: прашање на чест“, која во 2008 година за прв пат е прикажана во главното седиште на ОН во Њујорк, а штотуку можеше да се погледне и во германскиот град Дрезден. Наредни станици на изложбата се германските градови Герлиц и Лајпциг.
„Се однесуваа со нас како со семејство“
И за семејството на Јохана Јута Нојман, Албанија значеше спас од депортација и смрт. На почетокот живеле во еден хотел во набргу се запознале со албанската срдечност. „По околу три месеци се иселивме од хотелот и живеевме кај едно муслиманско семејство. Кај нив беше прекрасно. Тие луѓе не третираа како сопствено семејство“, раскажува Нојман.
Фашистичките окупатори се обиделе да ги депортираат Евреите и од Албанија, но тамошното население не сакало да ги израчи. Дури и членовите на владата ги снабдувале еврејските семејства со лажни документи. Многу албански селани ги примиле Евреите и ги криеле, како на пример во селото Три брата (Tre Vlaznnit) во близина на Валона каде прибежиште нашло семејството на Ана Коен. „Родена сум во Албанија кусо по крајот на војната и таму израснав. Секогаш сум се чувствувала како Албанка со еврејско потекло. Моето семејство побегнало од Солун“, раскажува заболекарката од Њујорк која Албанија ја напуштила во 1992 година.
Исклучок на Балканот
Албанија што се однесува со ситуацијата со Евреите беше исклучок во однос на останатите источноевропски земји под националистичка окупација, укажува историчарот и стручњакот за Балкан, Михаел Шмит-Нике во еден негов есеј. Помеѓу 1939 и 1945 година повеќе од 70 насто од албанското население било од муслиманска вероисповест, останатите 30% биле православни и католици. Таквиот однос довел до посебна меѓуверска толеранција, смета Шмит-Нике. Подготвеноста да им помогнат на прогонуваните Евреи била присутна во сите социјални, верски и политички групи: „Имало такви кои соработувале со комуниститите и спасувале евреи, но и други кои соработувале со окупаторите но и покрај тоа криеле дома евреи“, истакнува Нике.