Албанците во исчекување на изборните резултати
9 мај 2011По жешката изборна кампања, во која, според полицијата беа регистрирани 64 потешки инциденти, вчерашниот изборен ден, како што соопшти Централната изборна комисија минал без поголеми проблеми. Според претседателот Арбен Ристани правото на глас го оствариле 50,9 отсто од вкупниот брј гласачи.
Од изборните штабови на политичките партии се пожалија на повеќе нерегуларности при гласањето, и неколку меѓусебни физички пресметки меѓу членови на демократите и социјалистите. Заради насилство, полицијата според медиумите, привела четири лица. За разлика од изборната кампања која беше одбележана со насилство, самиот ден на гласањето мина помирно, иако беа забележани бројни неправилности.
Задоволен од изборниот процес, лидерот на демократите и актуелен премиер Сали Бериша, по затворањето на гласачките места, истиот го оцени како мирен и достоинствен.
„Граѓаните гласаа најевропски во нивната историја. Тоа беше еден мирен и достоинствен изборен процес, со висок процент на учество“, изјави Бериша додавјаќи дека неговата партија ќе ги признае изборните резултати без оглед какви се и упати апел тоа да го направат и социјалистите.
Веднаш потоа од седиштето на социјалистите лидерот Еди Рама, кога сеуште не беше отворена ни една гласачка кутија прогласи победа.
„Победата во Тирана е јасна, останува да се почека да се види само нејзината тежина. Ова е филм кој сме го виделе веќе трипати по ред“, изјави Рама, кој според до сега преборените гласачки ливчиња е во предност пред демократот Љуљзим Баша. Доколку победи ова ќе биде негов четврти мандат како градоначалник на албанската метропола.
Македонците се надеваат на добар резултат
Официјални резултати нема. Иако пребројувањето продолжува социјалистите веќе прогласија триумф. Пратеничката Мими Кондели, соопштувајќи ја победата упати апел до премиерот Бериша да не го попречува пребројувањето во Тирана.
Најголемо изненадување е поразот на Васил Болано прв човек на здружението на грчкото малцинство „Омонија“ кој се рекандикдираше во приморското гратче Химара. Со разлика од трисет гласови во наредните четири години прв човек на Химара ќе биде социјалистот Ѓерѓи Горо .
Од македонската партија, потврдуваат за голема излезност на гласањето и повеќе од сигурни се дека ќе ги добијат двете градоначалнички места и поголем број советници. Сепак, според Васил Стерјовски, треба да се почека до доцна попладне кога ќе почне да се пребројуваат гласовите за општините каде имаат свои кандидати.
Автор: Вера Тодоровска
Редактор: Борис Георгиевски