1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија сака германски директни инвестиции

22 септември 2004

Албанија од 1991 година наваму прави напори да се опорави од државниот централизам. Т.н. ”куќа на сиромаштијата” во Европа, го има зацртано патот на приклучување кон ЕУ. Германија, која беше една од првите западни земји која и вети помош на Албанија по пресвртот, денеска е еден од најголемите донатори на пари. Таа на Албанија, во рамки на соработката, и има ставено на располагање 328,5 милиони евра.

https://p.dw.com/p/AeQJ
Фотографија: Bilderbox

Германските производи се во Албанија омилени. Албанците, ако е можно, сакаат да возат само мерцедеси, тие пијат со задоволство германско пиво, а во Трана можат да се купат дури и германски лепчиња. Иако германските колбаси не можат лесно да се најдат во продавниците во Албанија, тие сепак се наголемо поврзани со земјата – германските машини за колбаси во Албанија се поправаат по поволни цени. Благодарение на добрите германско-албански приватни контакти, создадени се редица помали претпријатија. Искуството покажува дека ваквите меѓучовечки контакти многу побргу го поттикнуваат бизнисот од официјалниот пат на големата политика, кој сеуште завршува во бирократската џунгла.

Како и да е, во септември парламентот во Тирана треба да му даде благослов на проектот на концернот Хохтиф за изградба на единствениот меѓународен аеродром во Тирана. Германското здружение за инвестиции и развој, ДЕГ, заедно со финансискиот партнер на Хохтиф-ерпорт конзорциумот, Албаниан Американ Ентерпрајс Фонд, треба да работи со аеродромот 20 години. Адуена Штефан, раководител на проектот на Хохтиф, вели:

”За албанската економија ова е многу важен и многу голем чекор во насока на соработка со најдобрите западни претпријатија. Тука не мислам само на Хохтиф –ерпорт, туку и на нашите партнери кои се специјализирани на финансиските пазари. Тоа значи, Албанија и проектот добиваат на квалитет и актрактивност, а тоа е многу важен фактор. ”

Самиот факт дека Албанија го приватизираше аеродромот покажува дека земјата полека добива на атрактивност. Ангажманот на германскиот градежен џин ќе охрабри и други инвеститори, вели Рецо Шлаух, државен секретар во германското министерство за економија. 40-члена делегација, со претставници на мали и средни претпријатија од Германија, на почетокот на септември учествуваше на осмите албанско-германски стопански денови. Раководителот на германско-албанското друштво за економија, Михаел Албер, во интервју за Дојче Веле, вака ги сумираше впечатоците:

”Учесниците пронајдоа интересна земја за претприемачки ангажман. На претприемачите им стана јасно дека овде има голема побарувачка на машини и резервни делови и дека затоа има добра база за соработка.”

Иако претставниците на стопанството веруваат дека германските претпријатија имаат добри шанси во таа земја, досега само мал број германски фирми се застапени во Албанија: Мерцедес, Фолксваген, Сименс и Шеринг имаат нивни претставништва, а Пројссаг има Џоинт-венчр договор за нафта.

Во Албанија се најавени други стратешки приватизации во делот на банките, нафтата, телекомуникациите и енергијата. Во сферата на енергијата Германија е застапена преку КФВ и ГТЦ. Албанскиот министер за енергија, Виктор Дода, потврдува:

”Германската влада преку КФВ со години ја поддржува Албанија. КФВ инвестира во проекти во производството на енергија и енергетската потрошувачка, особено во Јужна Албанија. Освен тоа, КФВ е заинтересиран и за инвестиции, главно во мрежите на поврзување во Албанија и регионот.”

Директните инвестиции во Албанија се мали зашто климата за инвестиции не е особено добра. Најголем проблем останува бирократската џунгла, која е причина за воздржаноста на странските инвеститори. Спроведувањето на законите, кои се формулирани според западни стандарди, оставаат простор за надеж. И 14 години по преминот од планско стопанство во слободна пазарна економија, новиот систем не е доволно стабилизиран, нагласува Михаел Албер:

”Ситуацијата е таква што има законска подлога, но има потреба од подобрување во спроведувањето на законите.”