1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија на патот кон ЕУ

13 јуни 2006

По потпишувањето на Договорот за стабилизиација и асоцијација граѓаните на Албанија вчера вечер славеа на улиците на главниот град до рано изутрина. Има ли навистина причина за славење? - се прашува Фабијан Шмит во наредниот коментар.

https://p.dw.com/p/Adit
Шефот на албанската дипломатија Мустафај со ресорниот колега Штајнмајер при неодамнешната посета на Берлин
Шефот на албанската дипломатија Мустафај со ресорниот колега Штајнмајер при неодамнешната посета на БерлинФотографија: presse

15 години по окончувањето на комунистичката диктатура, Албанија направи важен чекор на патот кон интеграција во ЕУ. Со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација членките на ЕУ и Албанија фактички постигнаа согласност за почнување процес, на чиј крај треба да се наоѓа полноправно членство. При тоа се‘ уште е потполно отворено колку ќе трае овој пат и веќе сега е јасно дека решавачки ќе бидат конкретните реформски чекори на Албанија. За Албанците тоа може да биде причина за радување, но не и причина за славење, бидејќи сега допрва почнува вистинската работа. Албанија треба прво да го усвои целиот корпус на европското законодавство, а потоа и да го применува во практиката.

При тоа мора да признаеме дека Албанија во изминативе 15 години постигна виден напредок. Поради неодостатокот на претходна демократска традиција, освен кусата петмесечна епизода со бискупот Фан Ноли во 1924-та, младата албанска демократија на почетокот на 90-тите години беше соочена со сите детски болести. Граѓаните минаа низ бројни болни искуства и разочарувања. Но, низ сето тоа албанската политика стана имуна на екстремизмот и радикализмот. Демократските институции на земјата научија многу од првичните грешки и сите политички партии денес се залагаат за интеграција во Европа и за поврзување со Западот. И религиозната толеранција во Албанија е правило.

Она што, пак, ја мачи тоа е постојаната огорчена политичка борба меѓу големите спротиставени партии, како и корупцијата. Во дневната политика институциите често се поврзуваат со личности. Во парламентарниот живот има премногу лични кавги и инаетења. Сите кавгаџии при тоа се согласни дека евро-интеграцијата е заедничка цел, но за неа допрва ќе треба да се вложи многу труд – преку длабоките партиски фронтови. Сега расте и надежта дека сите сили во земјата ќе ги остават на страна партиско политичките борби и ќе му дадат простор на тимскиот дух. Само така Албанија може да ги оствари предусловите за почеток на преговори за членство и тоа во догледно време. Само така сонот за Европа нема да стане бескраен ноќен кошмар!