Албанија: Земјотресот донесе ужас
Западна Албанија беше погодена од тежок земјотрес. Десетици објекти се урнаа и поклопија многу луѓе. Потресите на земјата се чувствуваа во цел регион сѐ до Италија.
Ужас во раните утрински часови
Во раните утрински часови, во 03:54 часот, Албанија беше погодена од најтешкиот земјотрес во последните неколку децении. Се уриваа објекти, луѓето во паника се обидуваа да избегаат на улиците. Особено тешко е погоден градот Драч, кој се наоѓа на околу 30 километри западно од Тирана.
Загинати и повредени
Сѐ уште не е јасно колку луѓе го загубија животот во земјотресот. Албанската влада претпоставува дека има најмалку 25 загинати и околу 600 повредени. Според министерката за здравство Огерта Манастерлиу, само во болниците во Тирана и Драч со повреди се пренесени околу 150 лица.
Урнат хотел
При уривањето на хотелот „Вила Палма“ во Драч загинаа најмалку три лица. Во општина Курбин, пак, во моменти на паника и обид да се спаси, човек скокнал од зграда и го загубил животот, јави албанското Министерство за одбрана.
Помош од армијата
Министерството за одбрана испрати околу 300 војници во Драч и Тумана за да помогнат во акциите на спасување и расчистување на урнатините. Надлежните велат дека под урнатините сѐ уште има луѓе.
Најстрашно досега
Ова е еден од најсилните земјотреси во Албанија откако е почнато со мерење. Институтот за геологија во Тирана и Германскиот геолошки истражувачки центар во Потсдам сметаат дека јачината на земјотресот била 6,3 степени. Албанија само пред три месеци беше погодена од серија земјотреси, но тие - со јачина од 4,4 до 5,8 степени според Рихтеровата скала - беа послаби од последниот потрес.
Се тресеше целиот регион
Големиот потрес овојпат се почувствува во целиот регион. Погодени беа сите соседни земји, па дури и јужниот дел на Италија. Средоземноморскиот регион е еден од најактивните земјотресни региони во Европа.
Помош од соседите
Земјите од регионот веќе испраќаат помош во Албанија. Портпаролот на албанската влада Ендри Фуга на Твитер напиша дека меѓународните тимови, во досега невиден израз на солидарност, ќе имаат и поддршка од доброволци.