1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија доби нов претседател

АТ/СН/ миа/ макфакс12 јуни 2012

Министерот за внатрешни работи Бујар Нишани во понеделникот доцна попладне беше избран за нов претседател на Албанија. Собранието дури во четвртата рунда, успеа да го избере претседателот на државата.

https://p.dw.com/p/15CQe
Бујар НишаниФотографија: dapd

Со гласовите на владејачкото мнозинство, албанскиот парламент дури во четвртиот обид за нов претседател на Албанија го избра Бујар Нишани, 46 годишен, актуелен министер за внатрешни работи. За него гласаа 73 патеници, двајца беа против, а едно гласачко ливче беше неважечко. Пратениците од опозициската Социјалистичка партија присуствуваа на седницата, но не гласаа.

Во првите три круга од гласањето во изминатите денови, власта и опозицијата не успееја да изберат претседател со консензус за што беа потребни 84 гласа од вкупно 140 и покрај силните притисоци што ги имаа од страна на меѓународниот фактор.

Во неделата навечер пропаднаа вторите директни преговори меѓу премиерот Сали Бериша и лидерот на опозицијата Еди Рама. Понудените кандидати, прво Џаваир Загањори, а потоа и Артан Хоџа, за Рама беа луѓе на партијата на власт. Претседателот на социјалистите, Еди Рама не даде поддршка и за поранешниот премиер Фатос Нано.

Изборот на Нишани за претседател, Рама го оцени како многу погрешен потег на власта, бидејќи, како што рече, меѓународниот фактор за интеграции на Албанија во Европската унија бараше консензуален претседател, а не партиски човек.