Albanien Parlamentswahl
29 јуни 2009На албанската влада конечно и’ појде од рака да внесе ред во непрегледниот и лошо структуриран изборен регистар и згора на тоа да го трансформира во компјутерски средени списоци. Освен тоа ги снабди сите граѓани, кои на време поднесоа барање за тоа, со нови биометриски лични документи. Тоа што се’ уште на крајот имаше голем број такви кои се појавуваат во изборниот регистар, а немаат нови лични карти и пасоши не е грешка на системот, туку доказ дека стариот систем имал голем број т.н. „мртви души“.
Што се однесува до проблемите со фалсификување на лични документи во текот на изборите, досега е познат само еден случај. А и тој беше можен само затоа што власта не успеа да ги снабди сите избирачки места со соодветни ласерски апарати за контрола на документите. Помошниците во изборната единица не го препознале фалсификатот, но затоа малку подоцна случајот сепак бил откриен. Тоа покажува дека новиот систем има двојна заштита.
За време на изборите се појавија и случаи на избирачи кои пополнетото гласачко ливче прво го сликале со фото апарати монтирани на мобилен телефон. Но, ваквите обиди да се поткопа тајноста на гласањето е навистина тешко да се спречат. Особено ако гласачите и самите се корумпирани.
Изменет политички пејсаж
Од голема важност за натамошниот развој на Албанија е и фактот што по овие избори се создава попрегледен систем на партии. Досегашниот мешан изборен систем со директни мандати и со листи сега е заменет со чисто пропорционален систем. Претходно големите народни партии знаеја да вклучуваат небитни, помали партии во владините коалиции само за да остават впечаток на широка општествена база што ја поддржува нивната влада. Но, со тоа се создаде политичка кулутура, во која буквално се тргуваше за директните мандати и местата што се добиваат по партиските листи - како на ориентален пазар. Пред четири години партиите користеа комплексен систем на распределба на парламентарни мандати, што се потпираше врз изборните коалиции склучени пред изборите. Во тој систем избирачите дефинитивно не разбираа повеќе кој пие, а кој плаќа. За среќа и тоа сега му припаѓа на минатото!
Автор: Фабијан Шмит / Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска