1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија во тешка енергетска криза

29 ноември 2005

Снабдувањето со електрична енергија во Албанија е во катастрофална состојба уште од почетокот на ноември.

https://p.dw.com/p/Aeun
Новиот премиер Сали Бериша
Новиот премиер Сали БеришаФотографија: AP

Ако се одземат странските претставништва и службите за итна помош, тогаш во главниот град нема струја од рано изутрина, па се до доцна попладне. Во внатрешноста со денови нема струја. За енергетската криза и маките на населението прилог подготви Линдита Арапи.

Вревата од генераторите за струја во Тирана е речиси неподнослива. Речиси покрај секоја продавница или ресторан стои по еден дизелаш и крева неподнослива врева, што секако прво ги тера муштериите, а и на вработените тешко им го загорчува животот. Во меѓувреме тешката енергетска криза стана и политичка. Новата влада на Сали бериша секако за проблемите со снабдувањето со електрична енергија ја обвинува претходната влада на социјалистите. Тие не склучиле на време договори за увоз на струја од соседните земји, на пример од Италија.

„Актуелната ситуација е поврзана со лошиот менаџмент на нашите енергетски резерви, особено со злоупотребите за време на изборната кампања годинава. Освен тоа тука е и пропустот да се распише конкурс за увоз на струја. А третата најважна причина е дефектот на хидроелектраната од Вау и Дејес„ – порачува портпаролот на државниот концерн за електроснабдување, Ѓерѓ Која.

Сите вакви и слични објаснувања меѓутоа не им помагаат ни малку на граѓаните на Албанија. Бехар Туфа е сопственик на мало кафуле во Тирана, каде и самиот работи. Тој мора секое утро многу портано да дојде за да подготви се‘ пред да се исклучи струјата.

„Во моментов е многу тешко поради силните редукции во снабдувањето, а потоа доаѓа и непрекинатата врева од генераторите. Ги губиме муштериите, тие воопшто не можат да го поднесат генераторот.„

Поради ваквата ситуација најмногу се загрозени помалите и средните претпријатија. И на кафулето на бехар Туфа му се заканува затворање:

„Бизнисот многу страда. Фрижидерите мо9рав да ги исклучам, оти агрегатот не е во состојба да ги снабдува сите со струја. Наскоро ќе мора да го затворам кафулето.„

Додека Бехар работи во кафулето, неговата сопруга Зана се грижи за новородената ќерка.

„Како успевам? Сатнувам во четири часот изутрина за да ги стерилизрам шишенцата за млеко, за да сварам вода, да измијам се‘ што треба. А дењње одам на гости, бидејќи дома е премногу студено. Се среќавам со некоја пријателка или одам едноставно таму каде што има струја за да и‘ го стоплам јадењето на малата. Тотално сум изнемоштена од сето тоа, ама што да правам?!„

Доцна навечер Бехар Туфа се враќа дома. Го чекаа свеќи. Не оти на жена му и‘ дојдено до романтика, туку оти нема алтернатива. По целодневната изложеност на вревата од генераторот, тој е многу раздразлив.

„Многу сум нервозен од постојната бучава. Човек може да полуди од тоа. И сега како уште да го слушам генераторот.„

Тој, како и многумина други, им верува на ветувањата на владата дека наскоро ќе им дојде крајот на маките. Според владините соопштенија редукциите треба наскоро да бидат намалени, бидејќи ќе дојде струја од увоз. Но, албанското Електростопанство не сака да гарантира дека снабдувањето со струја потполно ќе се нормализира:

„Многу што зависи од растечката побарувачка по електрична енергија. А вториот проблем е тој што многумина струјата ја користат за греење. Можам само да кажам дека увозот е зголемен за 25% и дека нашите екерпсти се обидуваат праведно да ја прераспределат струјата. Но, не можеме да кажеме кога ќе биде надмината кризата„ – вели портпаролот на Електростопанството Ѓерѓ Која.

До тој светол ден кога сите ќе имаат струја колку што им треба, децата уште многупати ќе воскликнуваат кога повторно ќе се појави и ќе ги осветли домовите.