1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ал Џaзира го освојува Балканот

13 март 2011

Арапската Ал Џазира, со доаѓањето на Балканот посакува да стане медиумски лидер во регионот. Кои интереси стојат зад овие одлуки и како тоа ќе влијае на медиумскиот пазар во земјите на поранешна Југославија?

https://p.dw.com/p/10TXR

Медиумскиот пазар на Балканот се наоѓа пред клучни промени, тврдат одделни германски медиуми. Во тие промени, секако, се вбројува и почетокот на емитувањето на регионалната програма на арапската телевизиска куќа Ал Џaзира, која не ја крие својата очигледна намера да стане лидер на медиумскиот пазар на Балканот.

Тоа го потврдува и Едхем Фочо, бизнисмен кој за себе тврди дека е најодговорен за основањето на Ал Џазира на Балкан. Фочо вели дека доаѓањето на оваа телевизија на Балканот било условено исклучиво со одлуката на раководството во Катар за ширењето на телевизијата воопшто. Доаѓањето на балканскиот пазар, како што вели тој, било релативно евтино и едноставно:

„На овие простори е присутна жедта за непристрасна телевизија која не зависи од политика и државни буџети.“

Политички интерес или не?

Додека Фочо тврди дека во заднината на оваа одлука не стои никаков политички интерес, за доаѓањето на Ал Џазира на Балканот коментира Ненад Пејиќ, заменик директор на Радио Слободна Европа:

„Ако е политиката во прашање, мислам дека ќе наидат на плодна почва, бидејќи Босна е поделена по национална линија, прилично е радикализирана, и тоа е погодна почва за која било идеолошка програма, ако ја имаат."

Меѓутоа директорот на Медиумскиот центар во Сараево, Боро Контиќ, во сето тоа не гледа ништо повеќе од бизнис интерес:

„Морам да признаам дека е тешко да се забележи нешто повеќе од економски интерес, а тоа е дека една бизнис-медиумска куќа се проширува на ново подрачје и таму се обидува да емитува програма која би била во согласност со вообичаените професионални стандарди кои таа куќа ги има воспоставено во својата програма на англиски јазик.“

Al Dschasira in Katar Redaktion in Doha Sendung auf Englisch Flash-Galerie
Фотографија: AP

Не е можно да и‘ се обратите само на една нација

Примарната цел на Ал Џазира за освојување на балканскиот пазар, според мислењето на Оливер Вујовиќ, генералниот секретар на организацијата СЕЕМО, е од комерцијална природа. Но, секако треба да се појде и од структурата на населението на Балканот, вели Вујовиќ. Со други зборови, поради фактот што во земјите во регионот живеат голем број муслимани, Ал Џaзира најверојатно ќе овозможи некои специјални вести кои се од нивен интерес.

Едхем Фочо, меѓутоа, не го дели ова мислење и ја демантира изјавата дека само Босанците треба да ја користат културолошката и верската врска која ја имаат со арапскиот свет. Тој вели дека не е можно Ал Џазира да се обраќа само на една етничка група и тврди дека придобивки всушност ќе имаат сите во регионот:

„Причината е едноставно од практична природа. Сите го зборуваат истиот јазик. Постои голема поврзаност и потребно е пласирање на начин на кој може да се покрие што е можно поголем број гледачи.“

На наредната страница:

Западните медиуми ќе го загубат влијанието

И додека Ал Џазира забрзано ги врши подготовките за започнување со емитувањето на програмата, во некои од водечките западни медиуми, досега присутни на Балканот, не се ни сомневаат дека нивното влијание ќе биде намалено.

Директорот на Медиускиот центар во Сараево, Боро Контиќ, не смета дека западните медиуми ќе загубат влијание:

„Западните медиуми имаат свое влијание, секогаш го имале, иако не е веќе онакво како што било пред 20 години, или за време на војната, или непосредно по неа", вели Контиќ.

Boro Kontic Bosnien-Herzegowina
Боро КонтиќФотографија: DW

Една од причините за ваквата состојба е и постепеното повлекување на одредени медиуми од просторите на поранешна Југославија, кои претходно играле значајна улога во формирањето на јавното мислење. Еден од последните примери е одлуката на БиБиСи за укинување на две редакции на јужнословенски јазици (српски и македонски).

Оливер Вујовиќ ваквиот тренд го смета за непосакуван и нагласува дека многумина забораваат дека Источна Европа е подрачје во кое демократијата се‘уште се развива, и дека тоа е процес:

„Секако дека е потребно да се биде активен во Иран и Авганистан, но мислам дека за оние кои живеат во Европа, пред се‘ за институциите во Западна Европа, важно е да не заборават дека и самиот Балкан е во процес на демократизација. Постои корупција и криминал итн. И ако не се вложува доволно во информирање на јавноста со некои дополнителни извори од Западна Европа, постои опасност локалните медиуми да не покриваат одредени теми и едноставно широката популација во тие земји не е доволно информирана за некои случувања. Како последица може да дојде до запирање на процесот на демократизација, а мислам дека тоа не е во интерес на Западна Европа", истакнува Вујовиќ.

Автор: Зорица Илиќ / Марија Пешовска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска