Bin Laden Auswirkungen
4 мај 2011Со убиството на Осама Бин Ладен, терористичката организација Ал Каеда не го загуби само својот лидер, туку и најзначајната фигура. Сепак, мрежата не е обезглавена. Тука е човекот број два во хиерархијата, египетскиот педијатар Аиман Ал Завахири, кој во последните години објави петпати повеќе терористички пораки, отколку самиот Бин Ладен. Експертите се сомневаат дека тој се крие во пакистанската погранична област Северен Вазиристан и дека добива поддршка од локалните племиња. Сепак, уште одамна постојат сомневања дека тој во моментов располага со голем авторитет во рамките на организацијата.
Во времето на терористичките напади од 11. септември 2001 година, Ал Завахири припаѓаше кон најтесниот круг соработници на Бин Ладен, еден вид кабинет, во кој секој беше одговорен за посебна област, како идеологија, логистика или финансии. Меѓутоа, со оглед на глобалниот притисок врз мрежата, таа веќе одамна не функционира централно. Денес, Ал Каеда повеќе се смета за идеолошка организација, која се состои од повеќе регионални ограноци. Освен идеологијата на Ал Каеда и подготвеноста на смртни напади, меѓу поединечните организации постојат малку структурни сличности. Тоа го потврдува и британскиот експерт, Мајкл Чендлер: „Тие ја следат истата џихадистичка идеологија, меѓутоа нивните активности имаат регионален карактер“, вели експертот.
Заедничка идеологија, одделни активности
Абу Сајаф на Филипините, Џема Исламија во Индонезија или Ак Каеда во Магреб - сите исламистички терористички организации оперираат автономно и, според информации на тајните служби, во најголема мера сами ги финансираат своите акции. Тоа е во директна врска со фактот што Калид Шеих Мохамед и Рамси Бин Ал Шиб, луѓето кои се сметаат за главни организатори на терористичките напади од 11. септември и едни од клучните лица во Ал Каеда, од 2006 година седат во американскиот затвор Гвантанамо на Куба. Се претпоставува дека од вкупно двесте затвореници во базата, дваесетина припаѓаат на високите раководни кругови на терористичката организација.
Сепак, новиот американски министер за одбрана и досегашен шеф на ЦИА, Леон Панета, се` уште ја смета Ал Каеда за најголемата опасност по безбедноста на САД и нивните сојузници ширум светот. „Лидерите на организацијата во Пакистан и натаму планираат напади против нас. Нивните партнери во Ирак, Северна и Источна Африка и Арапскиот Полуостров се` уште работат на планови, кои ја загрозуваат нашата земја и нашиот опстанок“, нагласува Панета.
Мула Омар се искачува на првото место на листата најбарани
По убиството на Осама Бин Ладен, Мула Омар, лидерот на талибанците во Авганистан, официјално станува најбараната личност во светот. Токму во Авганистан голем број талибански лидери во последно време нагласуваат дека се дистанцирале од Ал Каеда. Иако тоа на прв поглед можеби личи на чисто тактичка одлука, мора да се земе предвид дека по повлекувањето на трупите ИСАФ од Авганистан, талибанците сакаат да се профилираат како партнери на Западот. Затоа опаѓа и нивниот интерес за соработка со терористите.
Осама Бин Ладен веќе го нема и тоа несомнено претставува тежок удар за Ал Каеда. Меѓутоа, оперативните можности на мрежата веќе одамна не зависат од централното раководство. Уште помалку од лидерот, чија моќ најмногу се засноваше на „стара слава“.
Автор: Даниел Шешкевиц / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска