СЗО: Раст на случаите на мистериозниот хепатитис
11 мај 2022Светската здравствена организација соопшти дека забележала 348 сличаи на хепатитис од непознато потекло и ја поддржа главната хипотеза дека аденовирус е можна причина за оваа мистериозна болест, која главно ги погодува децата. СЗО исто така ја истражува и можната моврзаност на и опасното заболување со коронавирусот.
Според податоците на СЗО, случаи на хепатитисот од необјасниво потекло се идентификувани во 20 земји.
Кај уште 70 случаи, идентификувани во 13 земји, се чекаат резултати од тестовите. Само 6 земји имаат повеќе од пет случаи, додека само во Велика Британија се пријавени 160 пациенти.
Хепатитисот е воспаление на црниот дроб кое ретко се јавува кај здрави деца. Во изминатиот период забележан е растечки број на случаи на мистериозниот хепатитис кај децата во светот. СЗО првпат беше информирана за необјаснети случаи на хепатитис во Шкотска на почетокот на април.
Филипа Истербрук, од програмата на СЗО за сузбивање на хепатитис, на конференцијата за новинари изјави дека е остварен значителен напредок во истражувањата.
Во моментов, главните хипотези за тоа што го предизвикува ова заболување вклучуваат аденовирус, земајќи ја во предвид и важната улога на Ковид-19, како истовремена инфекција или како претходно прележана инфекција, рече Истербрук.
Аденовирусите се широко распространети и обично се шират преку капки и преку заразени површини. Постојат повеќе од 50 типови на аденовируси и предизвикуваат респираторни симптоми, коњуктивитис и дигестивни проблеми, најчесто во блага форма.
Инаку тестовите на СЗО покажале оти околу 18 отсто од пациентите со овој хепатитис од неутврдено потекло биле позитивни на Ковид-19.
Истербрук изјави дека во наредната недела фокусот ќе биде на серолошките тестови за утврдување дали заболените претходно биле заразени со коронавирусот.
;