1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Автоиндустрија - кризата е сериозна, но не е егзистенцијална

Михаел Браун
12 септември 2017

Дизел-скандалот длабоко ја потресе автомобилската бранша, политиката форсира вртење кон елекромобилност, автопроизводителите трагаат по стратегија за иднината - очите се свртени кон Автомобилскиот саем во Франкфурт.

https://p.dw.com/p/2jnE0
Symbolbild Zulassungsverbote Verbrennungsmotoren
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. D. Gabbert

Веројатно повторно ќе бидеме сведоци на голем тетатар: многу рефлектори, витки танчерки, менаџери во патики, исто како и минатите години. Сепак, годинешниот, 67. Меѓународен автомобилски саем во Франкфурт, ќе биде различен. Зашто, браншата е во потрага по нови техники и нов идентитет. Без оглед на растот на берзанските курсеви од минатите недели, аналитичарите се скептични. ИАА од денеска е отворен за стручњаците и новинарите, а од 16. до 24. септември и за публиката.

Блескав подем на Тесла

„Мислам дека постои опасност германската автомобилска индустрија засилено да паѓа во заднина“, смета Јирген Пипер, долгогодишен автомобилски експерт од приватната банка Мецлер. „Очигледни се масивни промени во автомобилската индустрија“, вели Франк Билер од Покраинската банка Баден Виртемберг. „Кризата е сериозна, но не е опасна по егзистенцијата“, се обидува да извлече позитивна нишка Бенјардин Гертнер од Унион Инвестмент. „Автомобилскиот сектор моментно е под напон“, формулира Маркус Рос од ДЦ Банк. Патот во постерата на моторот со внатрешно согорување ќе биде тежок: опаѓачки маржи, растечки развојни трошоци, евентуални високи картелски казни згора на сето тоа.

Домашните автомобилски производители се навикнаа на тоа поимот „ексклузивен понудувач“ да биде синоним за „германски понудувач“.

„Тие беа горди на својата пазарна вредност“, вели аналитичарот Пипер, „и сега одеднаш на самиот врв се најде Тесла“.

Начинот на кој што етаблираната германска индустрија го оценува американскиот автопроизводител Тесла се огледа во типично отфрлувачкиот и потценувачки суд на еден поранешен претседател на Сојузот на машинските инженери: „Тесла е всушност претпријатие кое никогаш досега не остварило добивка, кое во Германија веројатно би било затворено од страна на финансиската управа како лично хоби на еден сопственик, зашто постојано произведува само загуби. Значи, нема потреба од претерувања.“

Niederlande Amsterdam Tesla Elon Musk
„Тесла во Германија веројатно би била затворена од Управата за приходи“, потсмев и презир кај германските автопроизводители Фотографија: picture-alliance/ANP/J. Lampen

„Софтвер-експертите се новите инженери“

Во меѓувреме, машинските инженери меѓу автомобилските конструктори се оние кои треба да стравуваат дека ќе бидат оставени во селото на технологијата на внатрешно согорување. „Софтвер-експертите се новите инженери во индустријата“, тврди Герхард Волф, шеф на Одделот за аналитика во Покраинската банка Баден Виртемберг. Неговиот колега Билер, на класичната автомобилска продажба среднорочно ѝ прогнозира, во најдобар случај, раст од два процента, додека каршерингот и различните услужни дејности од областа на мобилноста би пораснале за 30 проценти.

Најголем удел во овој развој веројатно би имале автономните автомобили. На сегашниот Автомобилски саем ИАА клучно е веројатно прашањето дали и кога моторот со внатрешно согорување ќе биде заменет со електромотор. Учеството на дизел-автомобили во новорегистрираните автомобили во Германија од некогашните 50, сега се симна на околу 30 проценти. Шефот на ИГ-Метал Јерг Хофман истакнува дека во производството на дизелот веќе не се врши продолжување на договорите за позајмица на нови вработени, се размислува околу кратења на работното време и се стравува од изостанување на финансиски средства за развој и подобрување на дизел-моторот.

Genfer Autosalon - VW Konzernabend
Автономни автомобили - тренд на иднинатаФотографија: picture alliance/dpa/U. Deck

Во 2017 водството го преземаат „струјаџиите“

Производителите сега гласно ги најавуваат своите електро-амбиции. На пример, БМВ планира веќе по четири години на пазарот да изведе електромобил без возач. „До 20125 година на пазарот ќе понудиме 25 електрифицирани автомобили, 12 од нив ќе бидат целосно на електро погон“, изјави шефот на Управниот одбор Харалд Кругер на една презентација за новинари во Минхен.

Аналитичарот Пипер, кој прогнозира дека уделот на новорегистрирани дизел-автомобили во 2027 од сегашните 50, ќе се намали на 30 проценти, слично предвидува и за бензинците, кои меѓутоа во следните две години, поради трендот „настрана од дизелот“ ќе имаат удел над 50 проценти. Хибридите, односно автомобилите со мотор на внатрешно согорување и електромотор, во следните десет години би бележеле пораст од три на 13 проценти. Но, победоносен поход им се прорекува на електромобилите на струја од батерии - нивниот удел во прворегистрираните автомобили до 2030. година би се аголемил до 46 насто. За отприлика десет години, првпат би имало повеќе електромобили отколку дизели или бензинци при прворегистрираните автомобили.

Излегување од мракот

На почетокот на 2020-те години може повторно да се очекуваат успешни години за браншата и нејзините акции, смета Пипер. Но, дотогаш автомобилската бранша ќе чмае во мрак, зашто се акумулирани бројни проблеми, па добивките се топат, со оглед на тоа што дизел-автомобилите носеа повисок профит од бензинците. „Прочистувањето“ на дизелот заради избегнување на забраните за возење во градовите, значи трошоци за технологија со несигурна иднина. Истовремено, мора да се обезбедат пари за развој на електро-моделите. А сигурно во заднина, тивко, веќе се одвиваат многу работи: „На пример, кај темата автономни автомобили, меѓу десетте најкрупни пријавени патенти во светот, има шест германски имиња“, истакнува Бенјардин Гертнер: „Тесла и Епл не се меѓу нив.“