1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австро-балканска коалиција за затворање на границите

Бернд Ригерт/превод:БГ25 февруари 2016

Балканските држави и Австрија се барикадираат. Грција е исклучена. Во Европа повторно се бори секој против секого. Битката ја разоткрива беспомошноста на ЕУ во бегалската криза, смета Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/1I1WI
Фотографија: picture-alliance/epa/C.Bruna

Балканската конференција во Виена, која беше одржана без претставници од почетокот и крајот на бегалската рута, имено Грција и Германија, разјасни едно нешто: ЕУ доживеа неуспех во бегалската криза, а секоја одделна членка мисли само на своите интереси и се обидува да ги одврати мигрантите и бегалците.
„Европското решение“ за кое германската канцеларка Ангела Меркел фантазираше на последниот самит на ЕУ не постои. И нема да постои ниту кога таа ќе се сретне со турските претставници на следниот самит на ЕУ на 7 март. Ќе треба да се случи чудо за Турција да ја отвори границата кон Грција и да ги прими назад бегалците.

Крај на заедништвото

Австрија и земјите од балканската рута повеќе не чекаат на промена на политиката во Берлин, тие делуваат. Границата меѓу Македонија и Грција е отворена само за оние бегалци кои пристигнуваат од воени зони како Сирија и Ирак. Сите други се враќаат. Балканските земји се гледаат себеси само како транзитни земји за бегалците. Министрите за внатрешни работи тоа јасно го ставија до знаење во Виена. Австрија и ги префрла сите овие бегалци на Германија- со исклучок на 80 колку што дневно смеат да побараат азил во Австрија. Логиката е дека Австрија ќе може да ја принуди Германија да утврди горна граница па така земјите ќе знаат колку бегалци да пропуштаат низ балканската рута. Германската влада е разочарана што Австрија ја притиска оваа тема, и стана тврдоглава, па сега чека и се надева. Но на што се надева?
Веќе нема потреба од надеж за европска солидарност околу дистрибуцијата на бегалците. Повеќе европски средби тоа јасно го укажаа. Европските држави сега единствено се загрижени за заштита на сопствените граници. Грција, повеќе од сите други земји, ќе мора да го носи товарот на таквата политика. Но едноставно нема шанси дека економски толку истрошена земја, предводена од неспособни левичарски и десничарски екстремисти, може да се справи со товарот на илјадници мигранти и бегалци кои и натаму ќе пристигнуваат на нејзината граница. Австро-балканската коалиција и остатокот од ЕУ преземаат ризик дека ќе ја турнат Грција во целосен колапс и ќе создадат катастрофална состојба за мигрантите и бегалците.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Исплашете ги наместо да ги пуштате

Пресметката зад оваа одлука јасно беше кажана од австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер уште пред неколку недели. Грција не може и не сака да ги задржи мигрантите и бегалците. Затоа, Грција мора да биде исклучена од граничниот режим на ЕУ. Новата де-факто граница на ЕУ се наоѓа меѓу Грција и Македонија и меѓу Бугарија и Грција. Микл-Лајтнер вели дека се потребни слики на очајни бегалци и мигранти заглавени на грчките плажи со цел да се одвратат луѓето од доаѓање кон Европа. Таа смета дека по неколку недели северно-африканците, Авганистанците, па можеби дури и Сиријците и Ирачаните ќе престанат да доаѓаат затоа ќе знаат дека немаат шанса да пристигнат до северот на Европа.

Тоа е едноставно, и во исто време, многу цинична стратегија. Сега беше ставена во погон во Виена. Како одговор, Грција се заканува дека ќе го употреби правото на вето во ЕУ за приближувањето на балканските земји како Србија и Црна Гора. Тоа нема да помогне во поправањето на расположението во регионот и само дополнително ќе ја изолира Атина. Состојбата е драматична и каллива. Први жртви се мигрантите и бегалците кои се принудени да спијат на улиците на Атина и Идомени. Тие се во стапица затоа што не можат ниту да се вратат назад во Турција. Теоретската шанса за враќање не доаѓа в предвид затоа што Турција не го дозволува тоа.

Луѓето ќе доаѓаат

И што ќе се случува? Кога балканската рута ќе биде затворена луѓето ќе се обидат да пронајдат други патишта. Од Грција преку Албанија до Италија? Од Либија и Египет до Италија? Од Турција во Бугарија? „Поединечното затворање на границите не е решение“, смета шефот на пограничната агенција на ЕУ- Фронтекс. Тој исто така предвидува дека и покрај затворањата на границите на балканската рута, повеќе од еден милион бегалци и мигранти и годинава ќе дојдат во Европа.

Министрите во Виена одлучија драстично да го намалат бројот на луѓе кои доаѓаат во Европа по секоја цена- дури и доколку тоа значи жртвување на Грција. Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц рече дека во спротивно Европа ќе се распадне. Но таа веќе се распаѓа. Затоа што, барем кога станува збор за бегалската политика, сега е јасно: секој за себе.