Австријците често возат во пијана состојба?!
31 декември 2011Горбах е поранешен член на Партијата на слободата, чиј поранешен лидер Јерг Хајдер загина во сообраќајна несреќа. И тој имаше слично ниво на алкохол во крвта.
Се чини дека смртта на Хајдер, предизвикана од брзо возење и алкохол во крвта, не ги промени навиките. Партијата на слободата се’ уште го практикува она што Австријците го викаат „политика на пивски шатори“ – регрутира млади поддржувачи така што подига шатори и пушта алкохолот да тече.
Така, веста дека еден од замениците на Хајдер, Хуберт Горбах – поранешен вицеканцелар и министер за транспорт, беше фатен од полицијата како вози под тешко пијанство, изненади само малкумина. Но, активистите за безбедност во сообраќајот, како Кристијан Грацер од Транспортната асоцијација на Австрија, се загрижени. „Со таков вид на алкохол, со таа количина на алкохол, автомобилот станува навистина опасно оружје“, укажува Грацер.
Властите го кријат инцидентот
Се тврди дека инцидентот се случил во провинцијата Форарлберг уште во мај. Властите молчеа и нема официјална потврда дека тоа се случило, но Горбах не го негираше инцидентот. Локалните политичари, како Јоханес Раух од Партијата на зелените, се сомневаат дека случајот е прикриен или дека има посебен третман за овој поранешен политичар од висок ранг. „Презумцијата на невиност се применува, но таа се применува на речиси секој втор случај во Австрија. Во ред, не знаеме што се случило и затоа поднесовме формално барање да се стават фактите на увид. А, ако имало некој специјален третман за него, тогаш тоа е неприфатливо и мора да има последици за тоа“, нагласува Раух.
Казните во Австрија се мали
Ако Горбах возел навистина во таква пијана состојба, како што локалните медиуми се убедени дека било, тогаш тој треба да ја загуби возачката дозвола на шест месеци и да се казни со најмалку 1 600 евра. Тоа може и да звучи многу, но австриските казни се под европскиот просек. Минимумот за возење во пијана состојба е 300 евра, во зависност од нивото на алкохол во крвта. Во Германија, каде има податоци за подобра безбедност во сообраќајот во однос на Австрија, минимумот е 500 евра.
Кристијан Грацер смета дека казните треба да бидат повисоки. „На пример, во другите земји казните зависат од платите. Ние мислиме дека тоа е одлична идјеа, бидејќи ако заработуваш многу пари, 300 евра не се толку многу пари. Ако сте на пример во Данска, ќе треба да платите плата за еден месец. Тоа е на некој начин еднакво за сите. Ако заработувате помалку, исто ќе си платите колку платата за еден месец. И, тоа е она што го сакаме во Австрија“, објаснува Грацер.
Сепак, Австрија не е во комплетно коматозна состојба зад воланот. Во минатите десет години, таа дојде речиси од дното на европската ранг листа за безбедност во сообраќајот, на нешто под просекот. Во видео кампања, министерката за транспорт Дорис Буреш промовира алкохолни брави за потешките возила. Возачите мораат да дуваат во уред поставен во кабината и ако пиеле, камионот нема да стартува.
„Истражуањето покажа дека откако се воведени овие алкохолни брави во Финска, статистички може да се каже оти десетина илјади возења во алкохолизирана состојба биле спречени. Така што може да се замисли избегнатата опасност, бидејќи тие патувања не се случиле“, вели министерката Буреш.
Помалку од петина Австријци ставени на алкотест
Всушност, Финска има и најдобра безбедност во сообраќајот во Европа, покрај највисоките казни за возење во пијана состојба. „Само 15 проценти од австриските возачи биле ставени на алко тестови во последните три години. Само 15 проценти! За споредба, во Финска се проверени две третини од возачите на автомобили во минатите три години или, на пример, во Шведска речиси секој втор возач на автомобил е проверен“, нагласува Кристијан Грацер од Транспортната асоцијација на Австрија.
Автор: Кери Скајринг/ Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска