Македонската граница дополнително ќе се засилува
24 февруари 2016Намалување на мигрантскиот бран е прашање за опстанокот на Европската Унија, изјави австриската министерка за внатрешни работи по разговорите во Виена со министрите за внатрешни и надворешни работи од земјите на Балканот.
„Оптимист сум дека ќе изнајдеме заеднички ЕУ одговор. Прашањето е само кога. Ние мораме да го намалиме бранот сега. Ова е прашање за опстанокот на ЕУ“, рече Јохана Микл-Лајтнер.
Особена поддршка од страна на Австрија и другите земји на состанокот беше ветена за Македонија. Австрија најави дека ќе испрати една полициска единица со задача да ја штити македонската граница.
На конференцијата беа присутни министри од ЕУ членките: Бугарија, Хрватска и Словенија и шест балкански земји: покрај Македонија уште и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Не беа поканети ни Германија, ни Грција, ниту пак претставници на Европската комисија. Виена во последните недели се дистанцираше од сите три, јавува германската агенција ЕПД.
Во пресрет на конференцијата дојде и до дипломатски спор откако Грција остро реагираше поради тоа што не е поканета. Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц остана на ставот дека Грција не требало да биде поканета. Грција, рече Курц, „не покажа никаков интерес да го намали бранот мигранти, напротив, сака да продолжи да ги испраќа преку границата кон Македонија“.
Минатата недела Австрија воведе горна граница за барателите на азил на нејзината јужна граница. Само 80 баратели на азил дневно се примаат во земјата оттогаш, а на 3.200 лица им се дозволува да го продолжат патот на север кон Германија и други земји. Виена очекува од сите земји на балканската рута да преземат слични рестриктивни мерки и на тој начин да предизвикаат „домино ефект“ во Европа, како што објасни Микл-Лајтнер.
Австрија долго важеше за близок партнер на Германија во бегалската криза. Но со воведувањето на горната граница дојде до промена на курсот. Австрија сега смета дека е преоптоварена, како што објасни министерот за надворешни работи Курц.
Атмосферата против бегалците и натаму се вжештува и во Унгарија. Премиерот Виктор Орбан најави национален референдум против планот на ЕУ за обврзувачки квоти за раселување на мигрантите и бегалците. Орбан денеска изјави дека оние кои ќе гласаат во прилог на предлогот ќе гласаат „во корист на независноста на Унгарија и одбивањето на обврзувачкиот план за квотите“.