Австрија не сака да биде „црна овца“
27 април 2013Австрискиот канцелар Вернер Фајман од редовите на социјалдемократите и вицеканцеларот Михаел Шпинделeгер од конзервативната Народна партија во заедничка изјава нагласуваат дека се отворени за преговори околу автоматска размена на информации за банкарски влогови подложни на оданочување на граѓани од другите земји на ЕУ. „Во никој случај немаме интерес да се создаде впечаток во меѓународни рамки дека Австрија е заштитник на даночните затајувачи“, се вели во изјавата од Виена.
Податоците на австриските штедачи остануваат табу
Сепак, австрискиот канцелар и неговиот заменик подвлекуваат дека ништо нема да се менува во банкарската тајна за домашните штедачи. Освен тоа, со преговорите на ниво на ЕУ нема да биде погоден ниту австрискиот договор со Швајцарија и Лихтенштајн.
Австрија е единствена држава на ЕУ која се‘ уште се противи на автоматско проследување на даночни податоци и со тоа на олабавување на банкарската тајна. Министерката за финансии Марија Фектер на средината на април изјави дека нејзината влада „ќе се бори за банкарската тајна“. Поради ваквиот став Австрија во изминатите недели беше предмет на жестоки критики.
Дебатата за банкарската тајна повторно се разгоре со откритијата за бизниси со офшор-фирми и складирање пари во таканаречените даночни оази ширум светот. За оваа тема треба да се разговара на самитот на ЕУ во мај.