1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Австрија не посредува во спорот за името

22 јануари 2010

Шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер во Скопје изјави дека спорот меѓу Македонија и Грција треба да се решава во рамките на Обединетите нации. Тој во Македонија допатува по вчерашните средби во Атина.

https://p.dw.com/p/LdeP
Михаил ШпинделегерФотографија: picture alliance/dpa

Австрија не се наоѓа во улога на медијатор во спорот за името меѓу Македонија и Грција, туку ја нуди својата помош онаму каде тоа ќе биде од неа побарано. Спорот треба да се решава во рамките на ОН, а најважно за негово затворање се билатералните разговори, бидејќи тоа е билатерално прашање, порача денеска министерот за европски и меѓународни работи на Австрија Михаел Шпинделегер, кој престојува во официјална посета на Македонија.

Шефот на австриската дипломатија, по средбата со домаќинот, македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, истакна дека решавањето на ова прашање е многу важно за македонските интеграции во Европската унија и оти на тоа треба да се работи.

Милошоски ја потврди македонската подготвеност за решавање на, како што посочи, наметнатиот спор за името. Според Милошоски, Македонија е подготвена, да ги продолжи преговорите со Грција, со цел да дојде до решение за овој спор, кое и на македонски и на грчки јазик ќе може да се напише како компромис, но и на македонски и на грчки јазик да се преведе како компромис.

Шпинделегер во Скопје пристигна од Атина, каде се сретна со грчкиот премиер Јоргос Папандреу и со заменик-министерот за надворешни работи, Димитрис Друцас.

Тој по средбите со нив не прецизира дали станало збор за неговата понуда од пред неколку дена-да посредува во решавањето на спорот за името меѓу Грција и Македонија. Денеска во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека Грција позитивно реагирала на австриската понуда за помош, доколку тоа е потребно.

Шпинделгер во понеделникот во интервју за австриската државна телевизија ОРФ, изјави дека е уверен оти решение за проблемот ќе се најде уште во текот на пролетта, а оваа година „ќе има конкретни резултати“ во соработката на ЕУ со Македонија.

Автор: АТ/ЖА/миа