Австрија му забрани влез на турскиот министер за економија
10 јули 2017Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц одлуката за забрана за влез ја образложи со тоа дека турскиот министер сакал да дојде во Австрија „исклучиво со цел да има јавен настап“. „Постои опасност за јавниот ред и безбедност во Австрија“, оцени Курц. Се разбира дека министерот е добредојден доколку сака да оствари билатерална посета, рече во врска со забраната портпаролот на австриското МНР, Томас Шнел за телевизијата ОРФ.
Себастијан Курц исклучително критички гледа на состојбата со човековите права во Турција. Причина за тоа, меѓу другото, се „масовните апсења и отпуштања од работа по обидот за пуч“ и ограничувањата на слободата на мислење и на медиумите. Зејбекчи имаше намера да настапи на манифестација по повод годишнината од задушувањето на пучот во Турција.
Во петокот Холандија го прогласи за непожелна личност турскиот вицепремиер Тугрул Туркеш, кој исто така сакаше да настапи на собир по повод годишнината од обидот за пуч. Неодамна, германската влада ја одби желбата на турскиот претседател Ердоган да настапи на собир во Германија по завршувањето на самитот на Г20 во Хамбург. За настапите на турски политичари во странство се води контроверзна дебата уште од пред одржувањето на референдумот во Турција, во април годинава. Владата во Анкара жестоко ги нападна Германија и Холандија поради забраните за настапи на турски политичари во овие две земји.
Турската опозиција демонстрира сила
На неколку дена пред годишнината од обидот за пуч во Турција, со голем собир во Истанбул, вчера заврши тринеделниот „Марш за праведност“ на турскиот опозициски лидер Кемал Киличдароглу. Претседателот на Републиканската народна партија ЦХП, Киличдароглу, маршираше пеш од Анкара до Истанбул. На крајот на маршот со него чекореа десетици илјади луѓе. На завршниот собир, на кој учествуваа стотици илјади луѓе, Киличдароглу ја повика турската влада да ја укине вонредната состојба во земјата.
„Сакаме да престанат сите антидемократски практики“, рече тој, обвинувајќи го Ердоган за притисок и влијание врз правосудството. Тој го критикуваше претседателот за декретите во земјата, донесени врз основа на вонредната состојба. „Марширавме за пратениците кои седат во затвор, за затворените новинари. Марширавме за доцентите кои беа исфрлени од универзитетите“, рече Киличдароглу, според кого вакви мерки биле носени за време на Третиот рајх.