Австриски политичар работел за УДБА?
13 мај 2014Тврдењето на еден словенечки историчар дека главниот кандидат на австриската партија СПА, Ојген Фројнд за пари работел за тајната служба на поранешна Југославија е една од главните теми во весникот „Ди Пресе“ од Виена. Во коментарот под наслов „Своевремено во Југославија“, весникот пишува:
„Ојген Фројнд наводно работел за УДБА во 70-те години кога бил соработник на тогашниот австриски министер за надворешни работи Вилибард Пар. Факт е дека во архивата на југословенската тајна служба постои документ со името на Ојген Фројнд и регистерски број 234.953. Но, не се знае што пишува во документот. Оној кој во времето на владеењето на Комунистичката партија во Југославија бил повикан на вечера морал да смета на тоа дека ќе му биде отворено досие. Новинарот на 'Профил' Роберт Бухашер тоа го објаснува на следниот начин: 'Тој, експерт за конфликтот во Корушка околу јазичните табли (кој се водел околу тоа дали патоказите, знаците и таблите во Корушка да бидат испишани двојазично, на словенечки и на германски) двапати вечерал со аташето за печат во југословенската Амбасада во Виена. По отворањето на архивата тој дознал дека за него било водено досие како за информант и соработник на УДБА, под посебна шифра.
Сигурно е дека УДБА оперирала во Корушка, вклучувајќи ги тука и бомбашките напади, и дека имала свои луѓе. Но, дека Ојген Фројнд бил толку радикализиран поради овој конфликт па прифатил да соработува со УДБА е малку веројатно. Во најмала рака, сѐ додека тоа не биде докажано црно на бело. А засега не делува дека тоа ќе се случи, затоа што досието е уништено“, пишува „Ди Пресе“.
Референдумот како фарса
Главна тема во германскиот печат денеска е референдумот на југоистокот на Украина. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ги коментира реакциите во Москва: „Москва бара да се почитува волјата на народот, која сега би требало да се оствари со дијалог наместо со сила. Русија во овој случај, сепак не постапува како во Крим. Реакцијата на Кремљ во овој случај е дека Киев не смее ни да помисли дека може да воспостави „status quo ante“ кое порано постоеше. Но може ли од украинската влада да се очекува да гледа како се распарчува нејзината држава? Во текот на двете војни во Чеченија, Москва покажа дека е во состојба брутално да одговори“, констатира „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Весникот „Ди Велт“ ја критикува реакцијата на ЕУ: „За слабата позиција на ЕУ постојат две причини. Првата е неслогата. Нема одговор на решавачкото прашање, а тоа гласи: колку и каков притисок треба да се изврши врз Русија за да не се загрозат дипломатските напори за ставање крај на кризата. Сите ја избегнуваат оваа основна дебата. ЕУ при тоа делува како дружина на кокошки. Шведска и земјите од источна Европа бараат силен одговор кон Москва, а земјите од југоисточна Европа не би сакале да имаат ништо со тоа, Велика Британија тактизира, а земји како Германија и Франција се наоѓаат меѓу два фронта“, заклучува „Ди Велт“.