1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авионска несреќа во Пакистан-нема преживеани

28 јули 2010

Патнички авион со 152 патници и членови на екипажот се урна утрово во ридовите околу пакистанскиот главен град Исламабад. Во несреќата нема преживеани.

https://p.dw.com/p/OWPs
Местото на несреќата во близина на ИсламабадФотографија: AP

Првичните сознанија укажуваат дека авионот од типот „Ербас“ се урнал поради лошите временски услови кои довеле до слаба видливост. Леталото се урнало на рид во непосредна близина на Исламабад, во густа шума. Поради непристапниот терен отежната е работата на спасувачките екипи, а до местото на несреќата, поради намалената видливост, тешко стигнуваат и хеликоптерите.

Авионот патувал на релација Карачи-Исламабад со 144 патници и 8 членови на екипажот. „Видов голема пепелна топка и оган насекаде, а огромни парчиња од авионот се тркалаа по ридот“, изјави еден очевидец на несреќата.

Иако првичните информации велеа дека петмина патници ја преживеале несреќата, подоцна пакистанските официјални претставници ги демантираа ваквите наводи. Членови на семејствата на најголемиот дел од настраданите кои ги очекувале своите најблиски на аеродромот во Исламабад се во шок. Повеќе извори од спасувачките екипи потврдуваат дека досега успеале да пронајдат само делови од телата на загинатите. Пакистанската влада за денеска прогласи ден на национална жалост и ја откажа закажаната редовна седница.

Pakistan Flugzeug Absturz - Angehörige
Семејствата на загинатите во шок по несреќатаФотографија: picture alliance / dpa

Најголемата авионска несреќа на пакистанско летало се случи во 1992 година, кога патнички авион, исто така од типот „Ербас“ се урна на слетување во непалскиот главен град Катманду. Тогаш загинаа 167 луѓе.

Компанијата „Ерблу“, чиј авион се урна денеска, во својата флота има нови авиони, и важи за една од најдобрите и најсигурните авио-компании во земјата.

Автор: БГ/ ТТ/ афп

Редактор: Александра Трајковска