1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан презема одговорност за безбедноста

23 јули 2011

Во Авганистан почнува нова фаза. Меѓународните заштитни сили ИСАФ денеска (23.07.) официјално ја предаваат одговорноста за безбедноста на Масар-и-Шариф на авганистанските безбедносни власти.

https://p.dw.com/p/122AY
Авганистанските војници полека во свои раце ја преземаат сигурноста на земјатаФотографија: DW

Во рамките на меѓународните заштитни сили ИСАФ во Авганистан се ангажирани и германски војници. ИСАФ денеска се повлекува од Масар -и-Шариф, а долгорочниот план предвидува меѓународните воени трупи да го напуштат Авганистан по 2014 година. Шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле, во Кабул со својот авганистански колега Салмаи Расул штотуку ги договори идните политички контури: помалку војска, повеќе политика и партнерство. Вестервеле порача дека Авганистанците можат да се потпрат на Германија, која ја врзува солидарност со Авганистан, не само сега, туку и во иднина. Вестервеле истакна дека Бонско-авганистанската конференција ќе остане силна врска за долгорочно партнерство на Авганистан со меѓународната заедница.

Außenminister Guido Westerwelle zu Besuch in Afghanistan
Гидо Вестервеле во посета на АвганистанФотографија: picture-alliance/dpa

Спомената конференција ќе биде одржана во декември 2011 година, а нејзината цел е пронаоѓање начин како земјата на Хиндукуш да остане стабилна и независна држава. Клучот на тој пат е воведување трансформација, односно примопредавање на воената одговорност. Тоа почнува денеска со Масар-и-Шариф. Германскиот генерал и гласноговорник на ИСАФ, Карстен Јакобсон, истакнува дека овој процес има свој тек, прво на регионално ниво, а потоа на провинциско ќе се оцени дали авганистанските безбедносни служби се подготвени да ја преземат одговорноста за сигурноста во сопствената земја.

Авганистан и натаму останува во фокусот на меѓународната заедница

Дека безбедносната ситуација во Авганистан се‘уште е на стаклени нозе, покажаа минатите недели. Иако талибанците не ги извршуваа своите летни офанзиви, убиствата на влијателни авганистански политичари, извршени од анонимни луѓе, внесоа страв и трепет кај локалното население.

Генералот Јакобсон коментира дека авганистанското население стравува дека повлекувањето на странските трупи меѓународната заедница ќе го изгуби интересот за Авганистан. Но, Јакобсон истакнува дека постепеното повлекување на ИСАФ од одредени области, не значи целосно напуштање на земјата, туку преземање на други задачи.

Автор: Уте Хемпелман/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев