Авганистан: Атентат врз индискиот конзулат
3 август 2013Во бомбашкиот напад утрово врз индискиот конзулат во градот Џалалабад, во источен Авганистан, убиени се најмалку девет лица, а 22 се ранети. Тројца атентатори самоубијци биле разнесени во воздух од автомобил -бомба кога се приближиле до контролен пункт, на сто метри од индискиот конзулат. Двајцата напаѓачи во еден момент го напуштиле автомобилот, по што полицијата отворила оган. Но, на третиот напаѓач, кој останал во автомобилот,му успеало да ја активира бомбата. Бидејќи автомобилот бил во близина на џамија, настрадале пред се‘ деца. Според началникот на локалната полиција, Шариф Амин, настраданите деца посетувале настава во џамијата во близина на конзулатот на Индија.
„Автомобилот бомба се залетал во оградата во близина на конзулатот и експлодирал“, изјавил за новинската агенција АФП портпаролот на владата на покраината Нангахар, Ахмаџија Абдулзај, додавајќи дека продавниците во близина на местото на експлозијата претрпеле големи оштетувања.
Нападот се одигра откако САД објавија предупредување за патувања во странство на своите државјани, поради информации за зголемена закана од Ал Каеда.
Авганистански функционер изјавил дека засега не се знае што или кој бил цел на нападот во Џалалабад кој се случи ден по жестоките борби во оваа покраина во кои загинаа 22 авганистански војници и 76 талибанци. Талибанцит, најголемата бунтовничка група во Авганистан, демантираа секаква врска со нападот. Помали милитантни групи од Пакистан во минатото напаѓаа индиски цели во Авганистан.