020709 Afghanistan Deutschland
3 јули 2009Небото над Авганистан станува претесно за сите воени и цивилни авиони што се движат низ него. Германското министерство за надворешни работи располага со статистички податоци за 315.000 воени и 130.000 цивилни летови во текот на минатата година. Бидејќи годинава сигурно нема да бидат помалку, НАТО ги испраќа летачките радарски станици од типот „авакс“ да помогнат во контролирањето на воздушниот сообраќај во земјата. Со таквата аргументација пред очи, големо мнозинство на германските пратеници се изјаснија во полза на барањето на владата за испраќање дополнителни 300 војници, коишто ќе бидат дел од посадите на „авакс“ авионите во Авганистан. Само пратениците на опозиционата Партија на Левицата се изјаснија против:
„Се вели дека станува збор за обезбедување на цивилната воздушна пловидба, но реално станува збор за поддршка на ’авакс’ авионите за воените операции на земја“, го појаснува ставот на Партијата пратеничката Моника Кнохе.
Винфрид Нахтвај од опозиционата партија на Зелените не се согласува со нејзините аргументи:
„Аваксите внесуваат ред, тоа е нивната задача и способност, да внесуваат ред во воздушниот сообраќај и тоа за сите учесници. Дали при тоа ќе има и повеќе воздушни напади на армијата, дали ќе има и повеќе цивилни жртви, тоа нема никава врска со ’аваксите’, туку со стратегијата на воените на сили на ИСАФ и пред се’ на американските сили. Тоа е решавачкиот момент!“
Јунг одбегнува термин-воена мисија
Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг изминативе денови во повеќе наврати нагласуваше дека „авакс“ авионите со посади во кои учествуваат и германски војници служат само за регулирање на воздушниот сообраќај. При тоа Јунг упорно одбегнуваше да зборува за воена мисија на Бундесверот во Авганистан. Таквиот став наидува на поддршка и кај пратениците:
„Оваа дискусија е за мене неразбирлива. Во секој случај таа е поедноставена и не ни помага во политичка смисла. Не им помага ни на војниците, ни пак на населението во нашата земја“, изјави Валтер Колбо, пратеник на помалиот коалиционен партнер во сегашната влада, социјалдемократската партија.
Канцеларката Ангела Меркел уште еднаш нагласи дека нема алтернатива за сегашната стратегија на НАТО во Авганистан, а со тоа ни за ангажманот на „авакс“ авионите, што пратениците вчера го одобрија.
Автор: Рихард Фукс/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска