1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто нафтата, бакарот и златото стануваат сѐ поскапи?

Миша Ерхард
13 април 2024

Бензинските пумпи во Германија се важен барометар на глобалните цени. Иние кои редовно понат гориво, посебно го чувствуваат растот на цените. Не само на нафтата, растат и цените на златото и бакарот.

https://p.dw.com/p/4ea1l
Голем раст на цените на горивата во Германија
Голем раст на цените на горивата во ГерманијаФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Повторно 159-литарскот буре предизвика загриженост. Станува збор за барел нафта, мерна единица на светскиот пазар на нафта. Цената на барел нафта од типот Брент, кој се експлоатира на Северно Море, на почетокот на годината изнесуваше над 70 американски долари, а сега достигна 90 долари, раст од преку 20 проценти. Тој скок на цените го чувствуваат и милиони возачи на бензинските пумпи, зашто бензинот од почетокот на годината поскапе за околу 10 центи по литар, со тенденција за натамошно зголемување.

Моментално, истовремено се случуваат неколку важни работи, објаснува Карстен Фрич, аналитичар за суровини од Комерц банка: „Растот на цената на нафтата е покренат од комбинации на економски оптимизам, помала понуда на нафта и постојана напнатост на Блискиот Исток." 

Германија бакар
Бакарот е важна суровина во индустријатаФотографија: Bodo Marks/dpa/picture alliance

Поради две војни, цената на нафтата расте

Настаните на Блискиот и Средниот Исток особено придонесоа за растот на цената на нафтата. Неодамна, на пример, седум членови на Иранската револуционерна гарда беа убиени во напад на иранската амбасада во Сирија, зад кој се верува дека стои Израел. Инцидентите како овој покажуваат колку брзо конфликтот може да ескалира во регионот - предизвикувајќи загриженост за снабдувањето со нафта. Ова ги прави учесниците на пазарот несигурни. „Покрај тоа, неодамна бевме сведоци на зголемување на бројот на напади од украински беспилотни летала врз нафтените рафинерии во Русија“, додава Карстен Фрич.

Русија рафинерија
Зголемен број на напади од украински беспилотни летала врз нафтените рафинерии во РусијаФотографија: Video Obtained By Reuters/via REUTERS

Линда Ју од ДЗ-Банка, исто така, смета дека геополитичките тензии се еден од главните двигатели на растот на цената на суровата нафта: „Покрај тоа, треба да закрепнат сè уште пригушената побарувачка и ослабените економии во Кина и Европа“, вели оваа аналитичарка во интервју за ДВ. Изгледите за глобално економско закрепнување и зголемувањето на побарувачката на нафта на тој начин го поттикнуваат растот на цените на црното злато.

Златото и бакарот блескаат

Инаку, цените на суровините, меѓу кои и бакарот и златото, во последно време значително пораснаа. Така, цената на фина унца злато неодамна надмина 2300 американски долари, што е апсолутен рекорд. Според Карстен Фрич од Комерц банка, во моментов можеме да зборуваме за „суровинска трка ". Причините за растот на цените - од нафта до злато - се главно слични: „Во повеќето случаи тоа се показатели за зголемена побарувачка - а во исто време ограничена понуда."

Под влијание на шпекулациите поврзани со намалувањето на каматните стапки од страна на Американската централна банка, во моментов се зголеми и цената на бакарот, важен метал за индустријата. Тоа, пак, го ослабува американскиот долар - што ги прави стоките со кои се тргува во долари, како бакарот, поевтини за инвеститорите во други валутни области, зголемувајќи ја така побарувачката и цената.

Златото, кое вообичаено е безбедно засолниште за инвеститорите во кризни ситуации, ги збунува инвеститорите и набљудувачите на пазарот поради зголемените цени. Некои од нив претпоставуваат дека тоа е поврзано со очекуваното намалување на каматните стапки. Меѓутоа, Светскиот совет за злато укажува и на моменталниот висок интерес на многу централни банки. Тие во последно време продолжуваат да купуваат злато „во големи количини“. Се споменуваат централните банки на Кина, но и на Полска, Чешка, Индија, Сингапур и Либија. Така и овде поголемата побарувачка се погрижи за растот на цените.

ОПЕК: Нема планови за намалување на производството

Во врска со нафтата, посебен ограничувачки фактор е ОПЕК.  Организацијата на земји извознички на нафта  го намали производството пред неколку месеци. Кон средината на оваа недела објави дека не планира да ја менува таа производна политика. Ова најверојатно ќе придонесе за одржување на тензијата на глобалните пазари во текот на следните месеци - и може дополнително да ја зголеми цената на нафтата. Исто така, според извештајот на Блумберг, Ирак во март произвел повеќе нафта од договореното, а се зголемил и извозот на руска нафта. Линда Ју од ДЅ – Банка предвидува натамошен раст на цената на нафтата на годишна основа, можеби дури и до 95 американски долари за барел.

ОПЕК
ОПЕК не планира намалување на производството на нафтаФотографија: Lisa Leutner/AP/picture alliance

За возачите, оваа вест поврзана со бурето од 159 литри не е добра - барем не за оние кои користат возила со мотор со внатрешно согорување. Развојот на цената на нафтата има директно опипливи последици на бензинските пумпи. Бидејќи цените на бензинот и дизелот  се тесно поврзани со цените на суровата нафта, зголемените цени на нафтата предизвикуваат повисоки цени на горивата. Затоа потрошувачите мора да посегнат подлабоко во своите џебови кога сакаат да го наполнат резервоарот на автомобилот со внатрешно согорување. На тоа укажува и неодамнешната анализа на АДАЦ за развојот на цените на горивата во март. Според неа, цената на литар Супер Е10 се зголемувала три недели по ред и во просек изнесувала 1.787 евра.

Од друга страна, цената на дизелот речиси и да не се променила. Тоа што дизелот е помалку погоден од растот на цените, како што истакнуваат од АДАЦ, веројатно е последица на блискиот крај на грејната сезона - тогаш се намалува побарувачката на нафта за греење, која многу наликува на дизелот.