1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апликацијата „Sky“ омилена меѓу криминалците

ДТЗ
5 ноември 2024

Апликацијата Sky изминатите години стана најинтересна алатка за криминалците. Важи за најбезбедна апликација- податоците се бришат веднаш по разговорот, со што исчезнуваат сите траги за тајните договори.

https://p.dw.com/p/4mei2
Апликација Скај
Sky не е единствена апликација од овој тип, но важи за една од омилените на криминалците. Фотографија: picture-alliance/dpa

Најбезбедна апликација која лесно се „маскира“ на телефоните, тешко се пробива во неа, податоците се бришат веднаш по разговорот, со што исчезнуваат сите траги за тајните договори - ова се само некои од карактеристиките поради коишто  апликацијата Sky изминатите години стана најинтересна алатка за криминалците. Нарко-босови, криминалци, полицијата, трговци со оружје, лица вклучени во ланецот со проституција ширум светот, според медиумските извештаи изминатите години ја користеле оваа апликација надевајќи се дека таа ќе им понуди тајност и безбедна комуникација.

Но, во голем број случаи полицијата сепак им влезе во трага на енкриптираните пораки и разби бројни криминални планови. Таков е и последниот случај со криминалната група „Дуќанџик“.Полицијата приведе двајца поранешни вработени во МВР и уште едно лице коишто на членовите на групата од Грчец им оддавале службени тајни. Нив ги разоткрила комуникацијата преку енкриптираната SKY/ECC апликација, откако претходно токму преку следење на разговори на оваа апликација беше откриена и група која договарала набавка и пренесување на кокаин од земјите на Јужна Америка до земјите на ЕУ и Македонија. Во овој случај во јануари годинава беше поднесена кривична пријава против 16 лица, коишто полицијата ги поврзуваше со низа криминални активности во изминатите четири години - од трговија со кокаин, убиства и обиди за убиства. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека во иднина ќе има доста интересни случаи за јавноста кои се поврзани со доказниот материјал обезбеден од страна на Sky апликацијата.

Панче Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека во иднина ќе има доста интересни случаи за јавноста кои се поврзани со доказниот материјал обезбеден од страна на Скај апликацијата.Фотографија: Petr Stojanovski

Зошто токму „Sky“?

Sky не е единствена апликација од овој тип, но важи за една од омилените на криминалците. 

Апликацијата ја основал Жан-Франсоа Еап, како Sky ECC во Канада. Замислена е како комуникациска мрежа и давател на услуги. Таа се промовира како најбезбедната платформа за пораки што може се да се користи. Основачот бил толку уверен во својот производ што понудил награда од четири милиони долари на секој што би можел да ја пробие шифрирањето во рок од 90 дена. Цената на годишна лиценца за користење на апликацијата Sky ECC е 2.200 евра.

„Неколкупати во минатото е споменувана оваа апликација или платформа, која што се вели дека ја користат криминалците. Имаше и случај пред неколку години, кога ФБИ прекина неколку криминални групи преку лажна мобилна апликација за електронска т.е безбедна комуникација, наречена Анон“, посочуваат експерти за сајбер безбедност. 

Како се користи?

Технологијата зад создавањето и користењето на апликацијата Sky ECC не е нелегална, но се користи за секакви нелегални активности. Причината за тоа е што ако мрежата не е достапна, пораката се чува на серверите на апликацијата Sky до 48 часа, а потоа се брише.

За да се инсталира на мобилен телефон потребно е да се има лиценца. При инсталацијата веднаш се оневозможуваат камерата, микрофонот и GPS. Пораките се бришат за 30 секунди. Апликацијата има и итно копче, со чие притискање веднаш се бришат сите пораки. 

Креаторите на апликацијата дизајнирале и лажни лозинки. Тие се користат кога некој го принудува корисникот да ја отклучи апликацијата. По внесувањето на тој код, апликацијата и сите податоци на неа автоматски се бришат. Во овој случај, компанијата е известена дека уредот е компромитиран.

сајбер кодови
Претпоставките се дека во светот има околу 171.000 Sky ECC телефони во употреба; главно во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Највеќе корисници во Белгија и Холандија

Во текот на 2022 година беше обелоденето дека полицајци, високи членови на нарко-картели, инспектори, осомничени за организирање проституција, трговија со оружје, па дури и судија ја користеле апликацијата Скај во Босна и Херцеговина .

Во текот на 2021 година, холандската и белгиската полиција први спроведоа акции против корисниците и добавувачите на апликацијата Скај. За време на рациите во Холандија, серверите на Sky ECC беа уништени и повеќе од 30 лица беа уапсени на 75 локации.

На 11 локации во Белгија се уапсени 200 осомничени. Меѓу нив имало и адвокати.Во рациите во двете земји запленети се 1,2 милиони евра готовина, дијаманти, накит, луксузни возила и оружје.

Претпоставките се дека во светот има околу 171.000 Sky ECC телефони во употреба; главно во Европа, Северна Америка, некои земји од Централна и Латинска Америка (главно Колумбија) и на Блискиот Исток. Секој месец, околу 70.000 од овие телефони активно комуницираат на Sky мрежата на ECC. Околу четвртина од активните корисници се во Белгија и Холандија.