1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Кина не може да ја спаси светската економија?

Ник Мартин
29 мај 2023

По големата криза во 2008 година, Пекинг му помогна и на Западот да се опорави. Но, сега опоравувањето на Кина по Ковид-19 е нестабилно, така што е малку веројатно дека Кина ќе може да ја сопре глобалната рецесија.

https://p.dw.com/p/4Reu4
Пристаништето во кинескиот град Лијанјунганг
Пристаништето во кинескиот град ЛијанјунгангФотографија: Wang Chun/Costfoto/picture alliance

Додека остатокот од светот стои на работ на рецесија, последно нешто што западните политичари го сакаат е Кина, најголемиот двигател на порастот на глобалната економија по кризата од 2008 година, да заостанува во опоравувањето од последиците од пандемијата. Но, токму тоа сега се случува.

Откако ја напушти својата тригодишна политика за нулта-Ковид, втората најголема светска економија и натаму не работи со полна пареа.

Кинескиот увоз нагло се намали во април за 7,9%, додека извозот порасна со побавно темпо од 8,5% во споредба со 14,8% во март. Потрошувачките цени во април најбавно растеа во последните две години, а прпизводствената дефлација, односно цената која ја нудат кинеските индустриски велетрговци, се продлабочи.

Во меѓувреме новите банкарски позајмици се намалија многу повеќе отколку што се очекуваше во април, а заемодавците истиот месец одобрија 718,8 милијарди јуани (104 милијарди долари, 94,5 милијарди евра) нови заеми, помалку од петина од сумата во март.

Дали златните времиња на Кина се минато?

„Кинеската економија не е пред имплозија, но не де враќа ни во златната деценија од 2010тата кога имаше двоцифрен пораст", вели за ДВ Стив Цанг, директор на Кинескиот институт на Школата за ориентална и африканска култура со седиште во Лондон.

Силното опоравување на Кина би помогнало да се ублажи очекуваниот успорен раст на економиите на други места во светот, поттикнат од построгите монетарни политики на централните банки во последните 12-18 месеци.

Празни облакодери во Џиансу - последица на масивна градба
Празни облакодери во Џиансу - последица на масивна градбаФотографија: He Jinghua/ZUMA/picture alliance

Огромните субвенции од Кина по кризата во 2008/2009 година помогнаа за опоравување на глобалната економија, дел заради незаситните апетити на азиските земји за увозни суровини за инфраструктурни проекти.

Но, токму тие мерки ја оставика Кина во серија долгови. Во март ММФ предупреди дека само долгот на кинеската локална самоуправа е пораснат на рекордни 66 милијарди јуани, што е еднакво на половина од БДП-то на земјата.

Цанг укажува на тоа дека западните креатори на политики кои сега се надеваат дека Кина ќе им ги заживее економиите, мора да “гледаат на новата политичка и економска реалност без очила кои ја искривуваат сликата”.

Заканата за Тајван, ја турка Кина кон изолација

Кинеската закана за инвазија врз Тајван, кого Пекинг го смета за дел од Кина, го антагонизира западот. Пријателските врски на Пекинг со Москва и неутралноста наспроти руската агресија во Украина се други спорни прашања кои ја загрозуваат глобалната економска соработка.

„Што се однесува до Тајван, зголемени тензии или војна би довеле до сеизмички промени", за ДВ вели Пушан Дут, професор по економија на школата Инсеад од Сингапур. „Мултинационални компании би се повлекле од Кина, нејзините пазари за извоз би се затвориле, а би биле воведени и санкции”, оценува професорот.

Трговските тензии меѓу Пекинг И Вашингтон од ерата на Трамп продолжија и со администрацијата на Бајден. Взаемните царини доведоа до американски санкции за неколку кинески компании. Вашингтон дури го ограничи и пристапот на Кина до технологијата за полупроводници и вештачка интелигенција образложувајќи го тоа со прашања на националната безбедност.

Кинеските воени вежби во близина на Тајван во април предизвикаа дополнителна тензија
Кинеските воени вежби во близина на Тајван во април предизвикаа дополнителна тензијаФотографија: Eastern Theatre Command/REUTERS

„Агресивната надворешна политика која ја води кинескиот претседател доведе до тоа САД и други западни земји да почнат да се дистамцираат или да ги намалуваат ризиците од своите економски врски со Кина што значи дека клучниот момент кој го поддржуваше растот во Кина сега е слаб”, забележува Цанг. Западните политичари сѐ повеќе ја гледаат кинеската иницијатива “Belt and Road Initiative”, или попозната како „Новиот пат на свилата”, како загрозување на сопствените интереси. Иницијативата е вредна 771 милијарди евра наменети за патишта, мостови, пристаништа и болници во 150 земји. Растат и загриженоста и критиките дека овој проект ги намамил земјите во развој во должнички замки со огромни кредити кои поединечни земји не може да си ги дозволат, како на пример Црна Гора, истовремено ослабнувајќи ги нивните врски со западните земји.

Минатиот месец претседателката на Европската централна банка Кристин Легард исто така се пожали на можна фрагментација на глобалната економија во ривализирани блокови предводени од Кина и САД, предупредувајќи дека тоа би му наштетило на глобалниот раст и би ја зголемило инфлацијата.

Пекинг дава приоритет на „растот на квалитетот”

Уште една причина за не баш сјајното опоравување на Кина по ковид-блокадата е стратешкиот план на Пекинг да ја придвижи економијата нагоре кога е во прашање вредноста на робата, со што му дава предност на квалитетот наместо на квантитетот на растот. Но, реформи од таков тип бараат многу време.

„Кина се обиде да направи придвижување од нискобуџетен производител до доминантна сила кога се во орашање т.н.индустрии на иднината како вештачка интелигенција, роботика и полупроводници”, вели Дут. Но, оттргнувањето од тешката индустрија во која доминираат компании во државна сопственост, кон иновации и домашна потрошувачка неминовно доведуваат до успорување на растот, смета економистот. 

Домашниот пазар во Кина расте по тригодишна пандемиска блокада
Домашниот пазар во Кина расте по тригодишна пандемиска блокадаФотографија: CFOTO/picture alliance

Ши ја кочи економијата

Цанг за ДВ вели дека Ши има јасна желба кинеската економија да стане подинамична, пожива, силна и инивативна, но додава дека “неговата политика често го има спротивниот ефект”. Додека Ши ја засилува својата власт и не ги признава сопствените грешки, практично е невозможно за технократите во Кина да ги направат потребните прилагодувања за ревитализација на економијата”, анализира Цанг.

И покрај тоа, ММФ предвидува дека Кина и натаму ќе биде најголем двигател на глобалниот економски раст во следните пет години придонесувајќи околу 22,6% за вкупниот светски раст во споредба со 11,3% колку што отпаѓаат на САД.

Забавувањето на побарувачката од западот ќе продолжи негативно да влијае на кинескиот извоз, но економските гранки насочени на домашниот пазар имаат причина за славје, посебно по три години карантин заради Ковид-19 и намалената потрошувачка.

„Кинеските потрошувачи акумилираа 2,6 трилиони долари вишок заштеди во текот на пандемијата”, вели Дут за ДВ. „Затоа се очекува дека секторот на услужни дејности краткорочно ќе ги надомести загубите од времето на пандемијата.” 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема