1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Значењето на стратешкиот дијалог со САД

ДТЗ
2 јуни 2023

Договорот значи поддршка на САД на безбедноста и просперитетот на земјата и регионот, вели професорката Мирјана Малеска за ДВ. Таа смета дека стратешкиот дијалог е од исклучително значење за земјата.

https://p.dw.com/p/4S6kC
Анџела Агелер САД Димитар Ковачевски Северна Македонија
Една година стратешки дијалог со САДФотографија: Government of North Macedonia

Една година од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што беше одржан на 2 јуни 2022 година, во Вашингтон, се сумираат првичните ефекти од отворањето на новото поглавје во билатералните односи меѓу двете земји. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорката на САД, Анџела Агелер со заедничко видео, ја честитаа годишнината од Стратешкиот дијалог, реафирмирајќи ги заедничките заложби за понатамошното зајакнување на соработката и значајната поддршка за евроинтегративниот процес. Премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорката Агелер на средба во Скопје ја реафирмираа јасната порака на САД дека Северна Македонија, по членството во НАТО, треба да стане членка и на ЕУ, за што земјата има силна и конкретна поддршка од САД.

Пријателство градено со децении

„Договорот за стратешки дијалог меѓу двете земји, потпишан во јуни 2022 година, практично значи поддршка на САД на безбедноста и просперитетот на земјата и регионот. Земјата има поддршка за регионалните иницијативи, како Отворен Балкан и за политиките кои водат кон промоција на мирот и безбедноста во Европа“, вели професорката Мирјана Малеска за ДВ, анализирајќи ги ефектите од договорот, кој оценува дека е од исклучително значење за земјата.  

Според неа, на патот кон интегрирање на земјата во ЕУ, сè уште има услови, кои на многумина им се чинат лоши и неприфатливи. „Во едно секако треба да бидеме сигурни: дека досегашната насока во која се движи земјата ја има поддршката од САД и нејзините западни сојузници и ќе ја има доколку се продолжи по тој пат на компромисно решавање на конфликтите. Не знам што сакаме повеќе!“, вели Малеска.

Мирјана Малеска
Професорката Мирјана Малеска за ДВ оценува дека стратешкиот дијалог е од исклучително значење за земјатаФотографија: DW

Договорот, според универзитетската професорка по политички науки, не е случаен, а пријателството со САД е градено повеќе децении. „Да не изумиме дека како нова демократија, произлезена од хаотично распаѓање на Југословенската федерација, од самиот почеток на независноста се соочивме со проблеми кои тешко ќе ги надминевме да не беше поддршката пред сѐ од САД“, вели таа. Правејќи ретроспектива на односите со САД таа истакнува: 

„Ќе најдете сведоштва во мемоарите на претседателот Киро Глигоров, тогашниот министер за надворешни работи и други, како лидерството на САД, со отворени раце ја пречека нашата желба за самостојна демократска држава. Во 1994 година, САД формално ја призна државата, а следната година се воспоставени дипломатски односи. САД и ЕУ помогнаа дипломатски да се заврши внатрешниот конфликт во 2001 година и да се најде политичко решение за етничкиот конфликт и општеството да продолжи напред. Потпишување на Преспанскиот договор со Грција во јуни 2018 година, со кој е решен проблемот со името, и пред тоа, потпишување на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија во 2017 година, го отворија патот на земјата за нејзино членување во НАТО-алијансата“.

Зад европскиот таканаречен Француски договор, со кој се симна ветото на Бугарија за пристапни разговори на Македонија со ЕУ, вели Малеска, стои исто така ангажираната надворешна политика на САД. „Можеби на многу луѓе оваа политика не им се допаѓа, но сите што ѝ сакаат добро на земјата, знаат дека поддршката на САД беше и сега е исто така, клучна за нас“, децидна е професорката. 

Значајна пресвртница

Стратешкиот дијалог, според шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, е значајна пресвртница во севкупните билатерални односи меѓу двете земји. „Денес е втори јуни, кога ја одбележуваме годишнината од одржувањето на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, а кој заедно со државниот секретар Ентони Блинкен го лансиравме минатата година во Вашингтон. Стратешкиот дијалог е значајна пресвртница во севкупните билатерални односи и логичен чекор напред по безмалку 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, по 15 години стратешко партнерство и три години силно сојузништво во НАТО-алијансата“, вели шефот на дипломатијата.  

Бујар Османи Анџела Агелер
Стратешкиот дијалог, според шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, е значајна пресвртница во севкупните билатерални односи со САДФотографија: Petr Stojanovski /DW

Според него, претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјата, како што е натамошно зајакнување на автентичниот модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграцијата на земјата кон ЕУ, што е заеднички стратешки интерес.

Амбасадорката Агелер реафирмирајќи ја силната поддршка за македонскиот евроинтегративен процес, порача дека САД отсекогаш биле и секогаш ќе бидат постојан поддржувач и најголем пријател. „Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамки на европската заедница“, вели Агелер.

Истата порака таа му ја соопшти и на премиерот Димитар Ковачевски. „Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста во регионот, важно е сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата. Притоа, изразено е очекувањето дека сите политички лидери ќе го имаат предвид актуелниот контекст на случувања и дека во таа насока и ќе се носат и претстојните политички одлуки во Собранието“, се наведува во владиното соопштение по средбата на Ковачевски и Агелер.