1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маврово и Ростуше сардисани од мечки

Даниела Трпчевска-Зафировска
29 септември 2023

Популацијата на кафеавата мечка е енормно зголемена. Во Националниот парк Маврово има околу 160 мечки. Во потрага по храна за мечињата тие често ризикуваат да влезат и во домовите на мештаните

https://p.dw.com/p/4WwzQ
мечка
Маврово и Ростуше сардисани од мечкиФотографија: Jakub Mrocek/Zoonar/picture alliance

Општината Маврово и Ростуше веќе неколку години е сардисана од огромен број на кафеави мечки, строго заштитен вид во земјата, кои во потрага по храна за мечињата често ризикуваат да се спуштат во населените места и да ги посетат дворовите на мештаните. Од 2019 година тие немаат дерман од шумските посетители. Пишувале поплаки, поднесувале петиции, правеле фотоалбуми со докази за неканетите гости во нивните села, но чаре за проблемот нема.

Кафената мечка, чија што бројност изминативе години го надминува капацитетот на Националниот парк Маврово, спаѓа во строго заштитените видови и по неа никој не смее да посегне. Сепак, во август годинава беше обелоденет случај на убиство на мечка и две мечиња во село Жировница, што предизвика бројни реакции во јавноста. 

мечки
Во Националниот парк Маврово има околу 180 мечки. Во потрага по храна тие често ризикуваат да се спуштат во селатаФотографија: picture-alliance/dpa

Иницијатива за кризна состојба

Општината Маврово и Ростуше деновиве побара од Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на кафеавата мечка на овие простори и опасноста која ги демне граѓаните.

Општината во писмен допис до надлежните посочува дека мечките, кои според податоците на Националниот парк „Маврово“ се околу 130-160 на број на оваа територија, предизвикуваат големи материјални штети особено на пчеларите, сточарите, земјоделците, како и на домовите на жителите на општината.

Посочуваат дека зголеменото присуство на мечките е животозагрозувачко по граѓаните и бараат од Владата да предложи конкретни мерки и активности за решавање на настанатата ситуација.

„Општина Маврово и Ростуше ги презеде сите активности и мерки кои се во своја надлежност, сè со цел да ги заштити своите граѓани. Одржани се состаноци со месните заедници на сите населени места во Општина Маврово и Ростуше, полициските одделенија во Ростуше и Маврово, граничните полициски станици во Жировница и Стрезимир, ЈУНП Маврово, претставници од Министерството за земјоделство, шумарство водостопанство и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од Општината.

Тие ги повикуваат надлежните министерства, Националниот парк „Маврово“, Центарот за управување со кризи (ЦУК)  и другите надлежни институции да се стават во функција за што поскоро решавање на проблемот, со цел враќање на безбедноста на граѓаните. 

Строга заштита  

Илјада хектари површина - толку и е потребно на една мечка согласно стандардите. Ако се има предвид дека Националниот парк Маврово се протега на површина од 70 илјади хектари, тогаш е разбирливо зошто надлежните тврдат дека оптималната бројка на мечки во паркот може да биде 70 до 80. Но, не и 130 колку што се проценките последниве години. Тоа го покажале анализите коишто биле направени годинава во рамките на десетгодишниот план за заштита. 

„Од 2011 до 2020 година енормно е зголемен бројот на полулацијата на кафеавата мечка. Во 2020 година, Министерството за животна средина предложи сет мерки кои делумно се применуваат како заплашување на мечките со пукање во воздух или со гумени куршуми, како и за нивно прихранување“, вели за ДВ, Томо Ѓорѓески, раководител на одделот за заштита во Националниот парк Маврово. 

Мерките последнава година се дополнети и со план за нивно успивање и преселување во други подрачја во земјата, каде што нема кафеава мечка. „Но, за тоа треба посебен експертски тим, кој ќе знае да го дозира успивањето и постапката за нивно будење. Таков тим засега нема“, вели нашиот соговорник. 

Борба за опстанок 

Во потрага по храна мечките често ризикуваат да се спуштат во населените места, а со нив доаѓаат и мечињата. За дел од посетителите тие се вистинска атракција покрај патот, или додека си играат на дрвјата.

Но, за дел од мештаните се вистински проблем поради штети коишто им ги нанесуваат. Досега за среќа нема пријавено случај на напад од страна на мечка, но се почесто се случува неканетите гости да се доближат до домовите во потрага по храна. 

„Оваа година нема природна храна, па мечката се спушта во населените места, ризикува за да ги нахрани малите. Влегува во куќите, по дворовите. Пред две недели, со помош на ренџер и неколкумина мештани успеавме да ослободиме две мечиња коишто беа затворени во превртен метален контејнер“, раскажува Ѓорѓески. 

Настанот се случил неодамна на патот Маврово - Дебар, кога во населено место, мечињата во потрага по храна влегле во контејнер за отпадоци. Но, тој се превртел, поклопецот се затворил и тие останале заробени внатре. 

„Се слушаше врескање, како мали бебиња да плачат, а мајката стоеше немоќно во близина не можејќи да им помогне. Сепак успеавме да ги извадиме од контејнерот“, вели нашиот соговорник. 

Вонредни мерки 

Мечките во земјата се заштитени уште од 1996 година, а според Законот за ловство од 2009 година нивниот лов е трајно забранет. Но, поради опасноста која им се заканува, мештаните бараат вонредни мерки со цел да го заштитат имотот и животите. Со прогласувањето на кризна состојба тие се надеваат дека евентуално ќе биде дозволено заловување или застрелување на мечките коишто ќе бидат опасност за населението. 

Мечките- попишани, но недоволно заштитени