1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жилавата инфлација во еврозоната

СН | АРД
27 јануари 2024

Инфлацијата повторно расте, како во Германија, така и во многу други европски земји. Не е јасно дали и кога ќе дојде до намалување на каматните стапки.

https://p.dw.com/p/4biTp
пари евро
По повеќемесечниот пад, цените во Германија и во други земји од еврозоната повторно растатФотографија: Hendrik Schmidt/picture alliance/dpa

Инфлацијата во еврозоната веќе не е 10,6 отсто како што беше пред нешто повеќе од една година, но и натаму се држи. Во декември во Германија таа беше 3,2 проценти, а токму кога некои - особено оние на берзата - се надеваа дека сè ќе се врати во нормала, инфлацијата повторно скокна на 3,7 проценти.

Уште полошо е во некои други земји од еврозоната: во Словачка - 6,6%, Австрија - 5,7%, Хрватска - 5,4%, Франција 4,1 отсто... И во Грција или во Шпанија се надеваа дека ќе го спречат поскапувањето, но не го сторија тоа. Слично е и надвор од Европската унија, во САД или во Велика Британија.

Иако може да се каже дека помина првиот удар по нарушувањето на енергетскиот пазар поради рускиот напад врз Украина, сепак постојано се потврдува дека светската економија е исклучително чувствителна. Нападите на јеменските бунтовници Хути и опасноста од пловење по Црвеното Море ги принудија бродовите да кружат доополнителни 3.000 милји околу јужна Африка. А, тоа чини пари. Притоа, за да се одржи истиот ритам на сообраќај, би биле потребни околу сто нови контејнерски бродови - кои ги нема. Затоа, понудата е помала, а цените, секако - растат.

Инфлацијата го зголемува притисокот врз сиромашните

Неволјата сама се создава

Германските медиуми се лути и поради повисоките цени што компаниите ги наплаќаат поради - како што мислат - алчност. Некои други, на пример оние кои живееле во земји без толку силна валута како германската марка знаат дека тоа често се зголемувања на цените „за секој случај“: како да се одреди цената на стоката или услугата и да се покријат трошоците и за суровините и за енергенсите и постојано зголемување на барањата на вработените?

Се разбира, има и очигледни измами од страна на производителите: се чини дека меѓу нив е модерно да се намали количината на пакувањето (малкумина ќе забележат дека во тегла наместо 200 има 165 грама), а во исто време да се зголеми цената. Во Германија за минатогодишен победник на ваква дрскост се прогласени крекерите „Tuc Bake Rolls“. Порано имаше 250 грама во пакувањето, сега 150. Големината на кесата секако остана иста. Но, цената не. Чинеа 1,39, а сега 1,89 евра. Тоа е зголемување на цената за 127 отсто. Инаку, има многу слични зафати.

И без таков неказнет криминал, факт е дека инфлацијата и поскапувањето самите се генерираат. Економските експерти кои сметаат дека Европската централна банка (ЕЦБ) треба да се збогува со границата поставена на инфлација од 2 отсто, стануваат сѐ погласни - пред сѐ поради огромните предизвици и инвестиции: во „зелената“ трансформација, во враќањето на производството во Европа... 

Седиштето на Европската централна банка во Франкфурт на Мајна, Германија
Седиштето на Европската централна банка во Франкфурт на Мајна, ГерманијаФотографија: Florian Gaul/greatif/picture alliance

„Последните метри се најтешки“

Всушност сстанува збор за различни погледи на економијата: упорната и висока инфлација на поранешниот француски франк или на италијанската лира не донесе значителен економски напредок. Нултата, па дури и негативната инфлација ја задушува потрошувачката, бидејќи луѓето размислуваат според системот „Подобро да почекам со купување, ќе биде поевтино“.

Два отсто се еден вид разумен компромис, убедена е претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. „Ние сме на вистинскиот пат кон нашата цел, инфлација од 2 отсто“, рече таа неодамна во Давос. „Но, сè уште не сме стигнале до таа цел“, призна потоа.

Затоа никој не веруваше дека на првата седница на Советот на ЕЦБ годинава, во четвртокот на 25 јануари, ќе има некои поголеми промени, дури ни во референтната каматна стапка која во моментов е дури 4,5 отсто. Прогнозите се остварија и ЕЦБ одлучи референтната каматна стапка да остане иста.  Лагард не верува дека ситуацијата ќе се подобри пред летото, а претседателот на австриската централна банка Роберт Холцман се сомнева дека тоа воопшто ќе биде возможно годинава. „Борбата против инфлацијата е иста како трчање маратон. Последните метри се најтешки“, вели тој.