1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумитеПолска

Жестока битка за јавните медиумски сервиси во Полска

Јацек Лепјарц
3 јануари 2024

Новата влада во Полска официјално ги распушти јавните медиумски сервиси по повеќенеделна борба да го смени раководниот кадар лојален на поранешните власти. Време е за темелни медиумски реформи, порачуваат новинарите.

https://p.dw.com/p/4aomi
протести против пропагандата на јавниот сервис за време на владеењето на ПиС
Еден од поранешните протести против пропагандата на јавниот сервис за време на владеењето на ПиСФотографија: Aleksander Kalka/ZUMA Wire/picture alliance

Јавните медиумски серивиси и три недели по промената на власта во Полска остануваат најважно јаболко на раздорот во политичкиот спор помеѓу владата на левиот центар на Доналд Туск и сега опозициската национал-конзервативна партија Право и правда (ПиС) од Јарослав Качински.
Полскиот претседател Анджеј Дуда, кој не ја крие својата блискост со ПиС, го стави ова прашање во фокусот на својот новогодишен говор. „За првпат во слободна Полска по 1989 година имаше обид насилно да се преземат јавните медиумски сервиси. Сигналот за емитување на некои ТВ канали беше исклучен и повеќе не се емитуваа информативни програми“, изјави Дуда во неделата навечер.

„Никогаш нема да прифатам кршење на Уставот. За жал, во моментов се соочуваме со таква ситуација“, нагласи шефот на државата. Владата може да ги реформира медиумите, но тоа мора да го направи согласно законот, рече Дуда.

Двојна власт во медиумите

Зборовите на претседателот, кои повеќето коментатори ги оценија како конфронтирачки, беа одговор на неодамнешниот развој на настаните во спорот околу медиумите , што доведе до еден вид двојна власт меѓу Божиќ и Нова Година.

Откако министерот за култура Бартоломиј Сиенкиевич на 19 декември повторно именуваше нови членови во надзорните и управните одбори и на раководствата на трите медиуми од јавниот сервис, ПиС покрена бран протести. Национал-конзервативната опозиција смета дека кадровските промени се незаконски и не ги признава.

Пратениците на ПиС упаднаа во седиштата на јавната телевизија ТВП и новинската агенција ПАП за да ги спречат новите главни уредници да почнат со работа и практично ги окупираа редакциските простории. Дури по Божиќ, политичарите на ПиС, кои ја оправдуваа нивната постапка како „пратеничка контрола“ го прекинаа протестот. Сепак, зградата во Варшава од која се емитуваат информативните емисии останува окупирана. 

Владата ги распушти јавните сервиси

Кој се надеваше на релаксација на крајот на годината, брзо се покажа дека згрешил. Овојпат, Дуда додаде масло на огнот ставајќи вето на законот за буџет кој предвидуваше три милијарди злоти (околу 690 милиони евра) за финансирање на јавните медиумски сервиси.

Одлуката на Претседателот се покажа како одлична можност за Туск. Неговиот министер за култура три дена подоцна ги распушти медиумите поради недостиг на средства. Како што соопшти власта, целта не е реално затворање на засегнатите институции, туку нивно натаммошно функционирање и преструктуирање.

Со формалното распуштање завршува спорот за тоа кој е законскиот генерален директор, а со тоа и правниот хаос, објасни адвокатката Катаржина Билевска во либералниот дневен весник „Газета Виборжа“.

Јарослав Качински на протестите пред телевизијата ТВП
Јарослав Качински на протестите пред телевизијата ТВПФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Во меѓувреме, по пауза од неколку дена, повторно се емитува главната информативна програма  преименувана во „19:30" и со нов кадар. Заврши ерата на агитација против опозицијата“, пишува онлајн порталот Онет. Повторно се емитува и информативниот канал ТВП-Инфо.

Катастрофални последици

Тековниот спор е катастрофален за престижот, кредибилитетот и иднината на погодените медиуми, предупреди викендов Богуслав Хработа, главен уредник на умерено конзервативниот дневен весник „Жечпосполита“. „Сите страни во конфликтот ја делат одговорноста за институционалниот и материјалниот пад [на јавните медиумски сервиси], како и за намалениот број на гледачи и читатели“, предупреди новинарот. Хработа повика брзо да започне работата на новиот закон за медиуми. Новиот систем на финансирање и задачите на јавните медиуми треба да се редефинираат.

Политичкото влијание врз информативните програми е сериозен проблем во Полска од воспоставувањето на демократската држава во 1989/1990 година. И поранешните шефови на влади и претседатели понекогаш креваа телефон за да го изразат своето незадоволство од оваа или онаа програма.

По 2015 година, Јарослав Качински ги деградираше јавните радиодифузни сервиси во гласноговорници и пропагандни алатки на неговата партија. ПиС го формираше Советот на националните медиуми РНМ, неуставно тело кое само одлучуваше за сите кадровски промени во јавните медиуми и овозможи отстранување на непожелните новинари.

Дали Дуда ќе ја поддржи реформата на медиумите?

Нов закон за медиуми не е можен без согласност од претседателот. Владејачката коалиција нема доволен број пратеници за да го отфрли ветото на шефот на државата.
Сепак, не е сосема невозможно Дуда на крајот да одлучи да соработува. Неговиот советник Анджеј Зибертович неодамна изјави дека телевизијата во ерата на ПиС „не била модел на објективност“. Тој ги опиша информативните програми како „лоша пропаганда“.

Со години наназад има повеќе од доволно добри идеи. Она што досега недостасуваше, сепак, беше политичката волја за нивно спроведување. Според медиумскиот експерт Тадеуш Ковалски, нацрт-закон за сеопфатна медиумска реформа веќе е во фиока. „Јавните консултации траат веќе две години. Подготвени се многу конкретни принципи, вклучително и нов концепт за финансирање“, изјави Ковалски за приватната телевизија ТВН. Претседателот на комисијата за култура во парламентот, Богдан Здројевски, рече дека работата на нацрт-законот може да продолжи подоцна годинава. 

Полиција Варшава зградата на јавниот сервис
Полицијата мораше да интервенира во зградата на јавниот сервисФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Качински повика на демонстрации пред парламентот

Според Ковалски, во фокусот на јавните медиуми треба да бидат граѓаните, а не политичарите. Политичарите треба да бидат во малцинство во „доверителските одбори“ кои треба да ги комбинираат задачите на надзорниот и на програмскиот одбор. Кадровските решенија треба да се вратат во одговорност на Државниот совет за телевизија и радио (КРРИТ), како што беше пред да дојде ПиС на власт.
 „По последната размена на удари, двете страни [претседателот и владата] знаат дека располагаат со силни карти и нема да се колебаат да ги користат во итен случај. Крајно време е за почеток на преговори“, напиша новинарката Зузана Дабровска во весникот „Жечпосполита“.

Иако Јарослав Качински води однапред изгубена битка во медиумскиот спор, тој засега не сака да се откаже. Тој повика на митинг пред парламентот во Варшава на 11-ти јануари со мотото: „Одбрана на слободните медиуми“.

„Дали да се смеам или да плачам?“, прашува писателот и драматург Артур Илгнер во прилог за весникот „Жечпосполита“. Повикот звучи исто толку апсурдно, вели Илгнер, како Владимир Путин да повика на митинг на Црвениот плоштад во Москва за одбрана на нападната Украина.
 

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.