1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земја со „скромна“ власт не треба да се грижи за иднината

12 август 2022

Граѓаните не се против да се одбележува годишина од Охридскиот договор или кој било друг настан, но тоа да се направи поскромно, во согласност со можностите.

https://p.dw.com/p/4FRdR
West Balkan Länder - Mazedonien - Ohrid
Рамковниот договор беше потпишан во Охрид, на 13 август 2001 годинаФотографија: Imago/D. Delimont

Во време кога Владата најавува тешка енергетска и економска зима, предлог за проширување на доночната основа и потреба од штедење, лицемерно прозвучи веста дека од буџетот на Министерството за политички систем и односи со заедниците биле издвоени 4 милиони и 200 илјади денари за одбележување на 21-та годишнина од потпишувањето на Охридскиот договор.

„'Само 70.000 евра во вакво време? Ништо. Браво за скромноста'; 'Земја што има ваква ‘скромна’ власт, не треба да се грижи за својата иднина'“, се дел од реакциите на социјалните мрежи.

Да биде иронијата поголема, посочената сума навистина може да се смета за „скромна“ во споредба со ланската јубилејна прославана 20 -годишнината од истиот настан, за чии потреби беше распишан тендер во вкупна вредност од 30 милиони денари (половина милион евра). Првиот вицепремиер во Владата, Артан Груби, тогаш изјави дека „тој трошок нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор“.

Таквата оценка ја даде во време кога бројот на заболените од корона вирус забрзано растеше, кога граѓаните се соочуваа со високи трошоци за тестирања и лекувања во приватни клиники поради оптовареноста на капацитетите во јавното здравство, во време на недостиг на амбулантни возила и во време кога во државата имаше многу пожари и малку противпожарни возила.

Sondersitzung der mazedonischen Regierung
За одбележувањето на 20 -годишнината од Охридскиот договор беше распишан тендер во вкупна вредност од 30 милиони денари (половина милион евра)Фотографија: Government of North Macedonia

Што е заштедено?

Ситуацијата на тој план не е подобрена ни годинава. Граѓаните велат дека немаат против да се одбележува годишина од Охридскиот договор или кој било друг настан, но сметаат дека тоа треба да се направи поскромно, во согласност со можностите, кои се прилично „тенки“.

Токму Владата во март донесе мерки со кои ги задолжи сите буџетски корисници и правни лица основани од државата за 10% да ги намалат расходите за стоки и услуги, за 50% да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, користење на службените возила, но и задолжително и значително да ги намалат бројот на членови на делегации при патувања во странство. Со мерките беше забранета набавка на мебел и возила.

Ваквите мерки наидоа на одобрување во јавноста, но се стопи впечатокот дека тоа навистина се почитува.

„Што е резултатот од тоа? И натаму се купуваат службени возила, на патувања одат во стилот ‘еден оди сто води’. Од една страна зборуваат за криза, потреба штедење и од нови даноци, а тие се расфрлаат со буџетски пари“, коментира граѓанин на Скопје.

Во време кога цените на основните продукти доживуваат вртоглав раст, секој денар кој може да се заштеди и да се пренасочи за потребите на граѓаните, поминува низ лупата на јавноста и на оние категории граѓани за чии потреби постојано нема пари.

„Следниот пат кога ќе видите апел за собирање средства за лекување, или кога нема да можете да дојдете до лек за ретки болести или за терапија, сетете се дека пари сепак се наоѓаат - ама секогаш за прослави и службени возила“, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.

Незадоволството дека се измешани приоритетите, дека за некои нешта секогаш ќе има средства, а за други - не, се шири побрзо од актуелниот вирус, и ги вади на површина и прашањата што ги отвори Владата, а не успеа да ги затвори. Едно од нив е покачувањето на мининалната плата, кое не беше проследено со усогласување со останатите плати. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, вчера најави радикализирање на штрајкот од септември, доколку Владата не ги исполни нивните барања, меѓу кои со покачувањето на минималната плата за 18,4 проценти да се усогласат сите останати плати.

Mazedonien Skopje vor dem Referendum
Граѓаните велат дека немаат против да се одбележува годишина од Охридскиот договор или кој било друг настан, но сметаат дека тоа треба да се направи поскромноФотографија: DW

Крунисано со концерт

По бројните реакции, се чини дека „прославата“ почна порано од предвиденото. Она што следува, е концертот кој утревечер (13.08) ќе се одржи на плоштадот Скендербег во Скопје, каде ќе настапат домашни и странски музички ѕвезди на „Фестивал на мирот“, со намера тој да стане традиционален.

А вовед во одбележувањето на годишнината од Охридскиот договор беше Школата за нови лидери „Мировен форум дијалог“ која претходно почна во Маврово, каде 60-тина млади се запознаваа со консензуалната демократија, социјалната кохезија, дијалогот, мирољубивите политики и интеграциите.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001. Го потпишаа тогашните лидери на најголемите партии во земјата - Бранко Црвенковски (СДСМ), Љубчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Арбен Џафери (ДПА) и Имер Имери (ПДП). Потписници на Договорот, беа и специјалниот претставник на ЕУ, Франсоа Леотар и специјалниот претставник на САД, Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.