1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГрција

Железничката несреќа во Темпи сѐ уште не е разјаснета

3 април 2024

Една година по катастрофалната железничка несреќа во која загинаа 57 лица, грчката јавност сѐ уште чека одговори на прашањето како можело да дојде до несреќата. Довербата во владата се намалува.

https://p.dw.com/p/4eOGb
Грција една година од железничката несреќа кај Темпи
На годишнината од несреќата кај Темпи - сеќавања на жртвите, главно млади луѓеФотографија: Angelos Tzortzinis/AFP

Помина повеќе од една година од најтешката железничка несреќа во грчката историја, во која загинаа 57 луѓе. Речиси сите жртви се млади луѓе, повеќето студенти, кои биле на пат од Атина кон Солун кога нивниот воз на 28 февруари 2023 година се судри со товарен воз што доаѓал од спротивната страна. 85 патници се тешко повредени. 13 месеци подоцна, несреќата сè уште не е разјаснета, а довербата на Грците во нивната влада се намалува. Речиси 80 отсто од населението верува дека железничката несреќа во Темпи никогаш нема да биде разјаснета. Стравуваат дека нема да има правда за жртвите и нивните семејства, бидејќи владата тоа нема да го дозволи.

Минатиот четврток (28 март 2024 година), владата без проблеми го преживеа гласањето за доверба што го бараше опозицијата поради нејзиното справување со оваа смртоносна железничка несреќа. Со 158 од 300 пратеници, Нова демократија (НД) на премиерот Кирјакос Мицотакис има апсолутно парламентарно мнозинство. Покрај тоа, таа можеше да го добие и гласот на еден десноекстремен пратеник. Но, таа не успеа да ги убеди граѓаните. Напротив: говорите на политичарите на НД за време на тридневната жестока дебата во парламентот звучеа како прикривање, особено говорот на поранешниот министер за транспорт Костас Ахилеас Караманлис. Тој беше задолжен за безбедноста на железницата кога се случи несреќата, потоа поднесе оставка и набргу потоа беше реизбран во парламентот.

Страотна железничка несреќа во Грција

Манипулација неколку часа по трагедијата

Причина за гласањето за доверба беше текст на неделникот „То Вима“. Тој тврди дека аудио снимката која протекла до медиумите во првите часови по директниот судир на двата воза била манипулирана. На снимката може да се слушне како шефот на станицата преку радио му вели на машиновозачот: „Можеш да возиш, можеш да возиш“. Со овие зборови тој наводно испратил два воза на пругата, кои потоа директно се судриле. Грчката влада и премиерот Мицотакис лично постојано се повикуваа на овој аудио документ и вината за несреќата ја префрлија на „човечката грешка“ на персоналот на железницата.

Сите други можни причини беа минимизирани: стареењето на грчката железничка мрежа, неуспехот да се поправи прекинатиот сигнал од 2019 година, задржаните средства од ЕУ кои требало да се влеат во безбедносната технологија, ангажирањето на 60-годишен неквалификуван поддржувач на владејачката партија на местото шеф на станицата и многу други. Иако опозицијата пред три месеци успеа да го спроведе своето барање за собраниска анкетна комисија за причините за несреќата, власта со своето парламентарно мнозинство спречи важни сведоци да бидат сослушани од страна на комисијата.

Грција железничка несреќа
Железничката несреќа кај Лариса однесе најмалку 57 животи, десетици луѓе беа повредениФотографија: SAKIS MITROLIDIS/AFP

Фрустрацијата на роднините

Длабоко разочарани од оваа фарса од парламентарна истрага, роднините на жртвите од Темпи во меѓувреме стапија во контакт со Европското јавно обвинителство и Европскиот парламент. Тие веќе немаат доверба во владата и бараат правда за нивните мртви деца. Марија Каристијану, која ја загуби ќерката во несреќата, го осудува системот на прикривање. „Случајот со аудио снимката уште повеќе зборува дека целата вистина мора да излезе на виделина. Дека сите, од самиот врв до самото дно, мора да бидат казнети за ова злосторство“, вели таа.

Роднините на интернет поставија и онлајн петиција, која брзо доби широка поддршка: 1,5 милиони Грци (речиси 15 отсто од населението) сега бараат да се укине имунитетот на министрите и поранешните министри.

Според грчкиот Устав, само парламентот може да одземе имунитет на министер. Во овој законодавен период, НД има апсолутно мнозинство, но очигледно е очајна да го заштити поранешниот министер Костас Ахилеас Караманлис, внук на основачот на партијата Константинос Караманлис и братучед на поранешниот премиер Костас Караманлис. „Кланот Мицотакис го штити кланот Караманлис“, огорчено вели опозицијата.

Расправа во грчкиот парламент расправа за железничката несреќа
Расправа во грчкиот парламент расправа за железничката несреќаФотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

„Не ви е срам?“

Од своја страна, премиерот Мицотакис го отфрли извештајот за манипулирана аудио снимка како „заблудувачка“. Во својот парламентарен говор пред гласањето за доверба, тој тврдеше дека на судските органи од самиот почеток им биле достапни целосни копии од аудио фајлот. „Велите дека сум сакал и мислел да манипулирам со овие дијалози. Не ви е срам да го тврдите тоа?“, праша тој, обвинувајќи ја опозицијата дека ја искористила трагедијата во Темпи за да направи политички капитал од неа.

Мицотакис го нападна издавачот на весникот „То Вима“ во кој се појави контроверзниот извештај: „Легитимно е претприемачите и издавачите да сакаат да влијаат врз политиката. Но, влезете сами во арената, а не да ве застапуваат други“, рече тој, без да го каже името на издавачот. Мицотакис мислеше на медиумскиот магнат и бродосопственик Евангелос Маринакис, чии медиуми всушност секогаш ја поддржуваа НД и особено премиерот. Очигледно тој сега се чувствува оставен на цедило од Маринакис.

Грција демонстрации во Солун поради железничката несреќа во Темпи
Една недела по железничката несреќа, стотици илјади луѓе демонстрираа во Солун за целосно разјаснување на причините (8 март 2023 година)Фотографија: Florian Schmitz/DW

Непосредно пред говорот на Мицотакис во парламентот, двајца негови главни соработници - државниот министер Ставрос Папаставру и вицепремиерот Јанис Братакос - поднесоа оставки откако минаа една ноќ во куќата на Маринакис. Наводно двајцата се обиделе тајно да ги испеглаат работите меѓу премиерот и издавачот, но тоа веројатно не успеало.

По жестоката парламентарна расправа, грчката јавност сѐ уште бара одговори за железничката несреќа. Речиси девет од десет испитаници во анкетата на институтот Метрон Анализис велат дека ниту судството ниту политичкиот естаблишмент не обезбедиле правда по трагедијата. Постои чувство на неказнивост и обид за прикривање.

Десет месеци по последните парламентарни избори во Грција, довербата на населението во владата на Мицотакис се намалува. Иако конзервативната Нова демократија беше реизбрана на врвот на државата во јуни 2023 година со 41 процент од гласовите, големо мнозинство граѓани се убедени дека нешто во земјата оди наопаку. Луѓето не се само незадоволни од својата ниска куповна моќ - втора најниска во ЕУ според Евростат - и се чувствуваат несигурни поради лошата економија, туку тие пред сѐ немаат доверба во судството и политиката. Неразјаснувањето на железничката несреќа во Темпи го потврдува тоа.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки